Дозволете ми во мое лично име и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, на сите православни христијани да им го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Со празнувањето на овој голем ден покажуваме почит кон делото на Мајката Божја, кое низ вековите е длабоко вкоренето во нашата традиција и култура и токму тоа е она што ни дава духовна сила и нѐ води кон патот на радоста.
Секоја борба е трнлив пат, испреплетен со неправди и предизвици, но истрајноста и посветеноста на тој пат секогаш водат до успех. Да научиме борбата за подобра иднина да ја водиме со сплотеност и истрајност, затоа што тоа е единствениот правилен пат.
Воедно, дозволете да го честитам и денот на македонските рудари, оние кои со мака, труд и посветеност заработуваат за своите семејства и својата иднина.
Посакувам во овие тешки мигови за нашата држава да имате работа, да ве следи добро здравје и да сте задоволни од сработеното и заработеното. Знам дека многумина од вас чувствуваат несигурност во услови кога владее криза, а власта поради својата неспособност само истата ја продлабочува.
ВМРО-ДПМНЕ ја разбира маката и сочувствува со секој еден граѓанин кој се соочува со тешката реалност, згазено достоинство, неправда, но заедно ќе ги надминеме овие премрежиња со кои се соочуваме.
Македонија е нашиот заеднички дом кој сите, без разлика на етничката и верска определба, мораме да го чуваме и да го градиме, спротивставувајќи се на криминалот и корупцијата кои го разјадуваат и уништуваат.
Нека е за многу години празникот.
-Извор: Христијан Мицкоски