Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се гарантира јавниот ред и мир на Парадата на гордоста, што ќе се одржи на 29 јуни и каков било обид за насилство ќе биде најстрого санкциониран.
Ќе имаме доволен број полицајци за да помине се во најдобар ред и мир, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес-конференција на Организацискиот одбор на првата Парада на гордоста.
Тој појасни дека МВР пред секој ваков или сличен настан прави план сразмерно на проценките колку луѓе се очекува да бидат присутни на протестот и какви се опасностите, и врз основа на тоа одлучува колку полицајци ќе бидат ангажирани.
Кочо Андоновски од ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншки комитет за човекови права потенцираше дека навистина се задоволни од соработката со МВР, и уверен е дека овој настан ќе биде безбеден, во спротивно како што рече, не би продолжиле со организацијата ако не се сигурни дека навистина можат да ја гарантираат безбедноста на секој учесник.
Извор: Јавно.мк