Пред споменикот на идеологот на Македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, денеска беше одбележана 147 годишнината од неговото раѓање во градот кој од 1950 година го носи неговото име.
Гоце Делчев со својата учителска и револуционерна дејност голем дел од својот живот го има поминато на овие простори додека бил учител во штипско Ново Село.
Еден од каналите за пренесување на оружје за организацијата бил на релација преку денешните Осоговски планини, Вратиславци, Црквенец, Делчевско и Панчаревско. Во текот на својата организациона активност многупати претстојувал во атарот на тогашното село Султанија (денешно Делчево).
Токму заради улогата која ја одиграл Гоце Делчев во будењето на свеста и духот на пијанечкиот народ за своја слобода и независност, делчевчани му се оддолжуваат на овој свој син со тоа што го именуваат тогашното Царево село во Делчево во 1950 година со одлука на тогашните власти.