Прогресивна даночна стапка од 18% се воведува за доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи ако обврзниците годишно заработат над милион и осумдесет илјади денари.
Според член 11 од нацртот на новиот Закон на доход доколку по овие основи физичките лица на годишно ниво оствариле доход до милион и осумдесет илјади денари (1.080.000), оваа сума ќе се даночи по стапка од 10%. Со стапката од 18 % ќе се даночи само сумата што е над милион и осумдесет илјади денари.
На месечно ниво со даночна стапка од 10% ќе се даночи сумата до 90.000 денари, а со даночна стапка од 18% само сумата над 90.000 денари.
Прогресивна даночна стапка се воведува на доходот остварен во самостојна стопанска дејност, односно за оние што самостојно работат во производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност. Прогресивен данок на доход ќе плаќаат и хонорарците кои работат професионални и други интелектуални услуги, односно вршат доходот од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултантска, сметководствена, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност.
И земјоделците кои имаат приход од продажба на сопствени производи надвор од зелени пазари, туку на исплатувачи кои водат деловодни книги ќе плаќаат прогресивна даночна стапка. Оние земјоделци што ќе остварат приход над милион денари на годишно ниво најдоцна до 15 јануари следната година треба да се регистрираат за вршители на дејност. Земјоделците кои остваруваат приход од продажба на сопствени земјоделски производи во рамки на зелените пазари ќе се оданочуваат паушално.
Со овој предлог закон се предвидува Управата за јавни приходи (УЈП) да изготви годишна даночна пријава за обврзникот и да му ја достави најдоцна до 30 април наредната година. Даночните обврзници треба да ја потврдат точноста на податоците или да ги коригираат најдоцна до 31 мај наредната година. Доколку не ја потврдат или коригираат до овој рок таа ќе се смета за потврдена.
Извор: Сигнал.мк