Во однос на театралната “катарза” од претходната вечер преку која ВМРО ДПМНЕ се реформира во нова антизападна партија, чувствувам за потребно да го кажам следното:
Моето политичко дејствување во раководоството на ВМРО ДПМНЕ беше со единствена цел: да изградиме модерна, демократска и европска партија која силно, со конкретни чекори ќе ја поддржи евроатлантската агенда на нашата држава. За жал, раководството на ВМРО ДПМНЕ е далеку, многу далеку од овој идеал.
Напротив, раководството на партијата продолжи да биде промотор на антизападна националистичка реторика, која ги топли срцата на краток рок, но на среден и долг рок создава несогледливи последици врз општеството, граѓаните и иднината на државата.
Искрено верувам дека еден ден во ВМРО ДПМНЕ ќе дојде раководство кое ќе ја сфати пораката од предците, и суштината на нивната револуционерна борба која ја празнуваме денес.
-напиша на фејсбук (сега веќе) поранешниот член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Костадин Богданов влезе во највисокото извршно тело на ВМРО-ДПМНЕ кога кормилото на најголемата опозициона партија го превзема Христијан Мицкоски.
Тој беше еден од Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ кои како внатрепартиска група во партијата реализираа повеќе прес конференции во јавноста со кои ја критикуваа работата на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски во еден од најтешките периоди на партијата од нејзиното егзистирање.