Петре Шилегов наместо да гради во Скопје, гради во Маврово, но за свои приватни потреби. Додека во Скопје една година нема направено ниту еден проект, градежните работи на Шилегов во луксузната вила во вредност од над 50 илјади евра интензивно се одвиваат.
Медиумите објавија фотографии и информации дека Петре Шилегов дворот на својата луксузна вила го поплочува со гранитна коцка извадена од Плоштадот и Улица „Македонија“, а земена од депоата на ЈП „Улици и патишта“.
Ова се фотографиите кои беа објавени од страна на медиумите, а од кои јасно се гледа дека коцката која се реди пред луксузната вила на Шилегов во Маврово е иста како коцките кои беа отстранети од Плоштадот и улицата „Македонија“.
Петре Шилегов мора да даде одговор, дали коцката по која газеа скопските партизани во 1944 година кога влегуваа во ослободено Скопје, коцката на која беше направена прославата за ослободувањето на Скопје и коцката на која е прогласена независноста на Република Македонија на 8 септември во 1991 година си ја нареди во дворот на својата луксузна вила во Маврово?
Очигледно Шилегов мирисот и сеќавањата за старо Скопје реши да го овековочи во дворот на својата луксузна вила во Маврово. Додека скопјани возат по улици полни со дупки, додека десетици проекти стојат запрени, Шилегов ќе гази по гранитни коцки, како и старите Скопјани.
По објавување на аферата од страна на медиумите Шилегов молчи и не демантира, со што само ги потврдува изнесените информации. Шилегов не смее да молчи. Шилегов мора да одговори на сомнежите, дали гранитните коцки кои ги реди во својата луксузна вила се од депоата на ЈП „Улици и патишта“? Доколку не се, треба да ги покаже фактурите од каде се земени.
Шилегов не смее да бега од одговори. Скопјани чекаат одговори.