Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, Иван Јорданов со свој коментар упатен во јавноста реагира во однос на состојбата на малите бизниси во неговиот град. Голем број од деловните простории во Штип се празни и затворени а дополнителен број кои мака мачат со својата егзистенција се пред затварање, -коментира Јорданов.
Ваквата неповолна слика која е наметната од актуелните состојби во државата, наликува на онаа од времето на мрачната транзиција од 90-тите години на минатиот век кога масовно беа затварани државните компании и отпуштани работници на улица, се присетува претседателот на опозициската партија кој како и многу други млади луѓе израснаа на трнливиот пат на тие 90-ти години во Македонија.
Целиот коментар на Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ интегрално го пренесуваме во продолжение:
“Добро познатата „едносмерна“ улица во Штип, празна и тивка, како никогаш досега. Место каде што лебот го вадат и живеат стотици семејства во Штип. Но, не е само празна и тивка поради настанатата криза со КОВИД-19, има и друга многу поголема причина.
Ако се прошета по неа ќе се забележи дека се повеќе дуќани се затворени и испразнети, а оние кои се уште работат се на работ на преживување. Атмосферата потсеќа на времето од транзицијата, кога на оваа иста улица повторно народот го немаше и дуќаните беа празни. И ова е вака бидејќи и тогаш и сега СДС е на власт. Ова е вака бидејќи СДС не мисли на малите и средни бизниси. СДС не го слуша очајниот крик на сопствениците на мали бизниси и ги остава да пропаднат, а со тоа и да останат без егзистенција. Владата предводена од СДС останува нема пред барања за помош од страна на сопствениците на мали дуќани и занечиски работилници. За СДС е сосема небитно дали некој бизнис со децении успешно работел, а сега не по своја вина е принуден да затвори дуќан и да пропадне. За СДС е сосема небитна работа дали илјадници деца ќе останат гладни бидејќи нивните родители останале без работа и сигурна егзистенција. За СДС е сосема небитна „едносмерната“ во Штип, симболот на економијата во градот. И за оваа арамиска расипничка власт на СДС е сосема небитно дека се затвораат продавници за продажба на текстил, угостителски објекти, туристички агенции, пиљари, маркети, тобака и сл. Народот нема леб да вади од пресовите на Филипче и неговите непрецизни и небулозни статистики, небаре прогнозира какво ќе биде времето за наредниот период. Секако се покажа дека и тоа што тие го нарекуваат „мерка“ нема никаков ефет и е претворено во контра-мерка, наместо да спречува допринесува за дополнителни проблеми на граѓаните. И можеби повторно ќе излезат и ќе кажат дека сега не е време за политика. Да, не е време за политика, но сега е време кога гласно треба да се зборува за она што се случува и што доживуваат граѓаните. СДС секако нема овие повици и гласови да ги слушне, тие и онака одамна не го слушаат гласот на народот.
Аздисаноста и препотентноста нивна не доведе до ова дереџе да немаме слободна и сигурна иднина. Затоа, сега е време кога секој поединец е битен. Сега е време кога треба гласно да се зборува дека е потребна помош за македонската економија, посебно за млаите и средни претпријатија.
Реална помош, сега и веднаш!
За да не биде предоцна.”