Вовед
Во моето неодамнешно обраќање до јавноста во текст насловен како ЖИВОТ ВО ВРЕМЕ ВО КОЕ ВЛАСТА НА ЗОРАН ЗАЕВ БРОИ ГЛАСОВИ ВРЗ ОСНОВА НА ИНСТРУМЕНТИ НА МОЌ НА ДРЖАВНИТЕ РЕСУРСИ во генерални црти се обидов да ги идентификувам и разобличам најсилните инструменти на влијание и моќ на актуелната власт предводена од СДСМ и Зоран Заев кој што е на чело на оваа владеачка политичка партија.
За возврат од читателите добив дузина реакции како и барање секој од овие инструменти на моќ и влијание да бидат подетално образложени, со што на жртвите на ваквата злоупотреба би им помогнал да ја препазнаат ваквата појава која го девалвира нивниот труд и основни човекови права.
Ќе започнам од најприсутниот и најсилниот механизам на злоупотреба кој што актуелната власт го применува врз вработените во јавниот сектор т.е администрацијата.
Предуслови
Злоупотребата на јавната администрација од страна на власта за партиски цели на партиите застапени во самата власт, не е нешто ново или досега непознато.
Оваа злоупотреба во современа Македонија датира уште од создавањето на современата Македонска држава.
И ваквата злоупотреба на јавната администрација во Република Македонија во изминатите 3 децении беше логичен продолжеток на злоупотребата на бирократскиот систем на СФРЈ како клучна карика зошто се распадна оваа поранешна федерација.
И не случајно Македонија се соочува со егзистенцијални прашања кои ја доведоа во прашање нејзината самобитност и постоење во изминатите 3-4 години.
Во услови на константно руинирано стопанство кое што во огромна мера е зависно од државните инвестиции и со огромната стапка на невработеност и покрај масовното исселување на работоспособната популација од Македонија, за секој обичен граѓанин вработувањето во јавен сектор се чини како најлесно бегство од сиромаштија.
Со освојување на власта преку формирањето на малцинска влада во 2017 година СДСМ започна во неколку бранови да ги полни институциите што им се нарасполагање под капата на централната власт. Ваквиот тренд не може да се каже за ДУИ затоа што тие си имаа свој континуитет од претходно воспоставената власт со ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние кои беа дел од отпорот на Бранко, кои кампуваа во “Кампот на слободата” пред Владата, што ја испровоцираа, разгоруваа и окупираа Шарената револуција, време беше да го добијат своето место во новосоздадената власт.
Има и такви кои што на крилјата на револуцијата влетаа во тие први неколку бранови во 2017 година како раководна структура во владата, што во целост не ја разбираа ситуацијата во која се втурнати. Со превземањето на локалната власт во државата СДСМ во 2017 година сите контролни управувачки механизми беа во рацете на врвот на СДСМ. А со оглед на централизираната моќ што ја дава статутот на СДСМ, во рацете на еден човек беше концентрирана целата моќ во државата кај Зоран Заев. Со тоа се отворија вратите на толку многу оспоруваната администрација од страна на СДСМ на локално ниво која има далеку поголем капацитет и можности за вработување на партиските војници на армијата гласачи на СДСМ.
Од тогаш па до денес темата за партиски вработувања во администрацијата стана како “Добро утро” за просечниот Македонец кој немоќно од страна го набљудуваше развојот на настаните.
Приказната започнуваше на улиците, во кафетериите, кладилниците, казината, на јавните места за општествена социјализација…
Регрутацијата на невработените лица од страна на раководните структури изберени или именувани од СДСМ се прошири како епидемија на болест од која страда цел еден народ.
Бројката на вработени во администрацијата продолжи вртоглаво да расте и во рок од 4 години е драстично порасната.
Според Годишниот извештај на Министерството за администрација и информатичко општество фактите се следни:
-На 31.12.2016 година 129.653 лица имаат засновано работен однос во некоја од 1.291 институции на јавниот сектор, каде бројот на вработени во 2016-та, во однос на 2015, е зголемен за 1.306 лица.
– На 31.12.2017 година 128,722 лица имаат засновано работен однос во вкупно од 1.2842 институции на јавниот сектор. Во однос на 2016 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е намален за 931.
-На 31.12.2018 година 132,068 лица имаат засновано работен однос во вкупно од 1.3142 институции на јавниот сектор. Во однос на 2017 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е зголемен за 3,346.
Важно е да се напомене дека вкупниот број на вработените во јавниот сектор не соодветствува со вкупниот број на пополнети работни места, од причина што има вработени пред сѐ во областа на образованието и во здравството кои пополнуваат работни места во две или повеќе институции на јавниот сектор (наставниците кои немаат полн фонд на часови се ангажираат во две или повеќе училишта, а професорите од медицинскиот факултет пополнуваат работни места и во здравствените установи и на факултетите)
Во овие бројки не влегуваат вработените во акционерските друштва и оние преку агенции за привремени вработувања.
Администрацијата за 2018 година со овие вработени изнесувала 143.181 вработен според медиумска изјава од лани на Дамјан Манчевски.
Годишниот извештај за 2019 година се уште не е објавен од МИОА кој сигурно ќе биде драстично поразличен во однос на бројот на вработени во администрацијата за оваа година. Со оглед на секојдневните информации за отварање на нови работни места во државната и јавната администрација кон крајот на минатата година, а особено во почетокот на 2020 година откако беше најавено дека ќе се реализираат Предвремени парламентарни избори. Па така бројката на вработени во администрацијата несомнено го има пробиено плафонот на толеранција и општествена одржливост на Македонската држава.
Методи на злоупотреба на администрацијата од страна на актуелните власти под контрола на СДСМ
Погледајте ги фотографиите од партиските трибини ширум државата на т.н. “Прав пат” на СДСМ кон крајот на 2019 година за да го забележите моментот на злоупотреба на јавната администрација за партиски цели.
Овие таргетирани граѓани на нашата држава дали свесно или несвесно се доведени до режим на потчинетост од актуелната власт и тоа како резултат на својата стручност, знаења, способности и трудољубивост. Фактот што секој е заменлив во администрацијата во услови на деградиран судски систем каде исто така владее клиентелистички принцип за додворување на судиите кон власта го паралелизира законот за администрација кој ги штити државните службеници а Македонската администрација ја претвара во безгласни послушници и продолжена рака на раководните структури на СДСМ.
Се до моментот кога тие граѓани треба да застанат зад параванот и да изберат политичка опција која ним им лежи при срце.
Во овој контекст постои едно непишано правило пред избори, дека народот кога молчи, не и се пишува добро на власта.
Поради ваквиот момент на слободен и таен избор на граѓаните зад параванот на гласачките места, режимската номенклатура на актуелната власт и Зоран Заев е отидена и еден чекор понатаму.
Токму тука на сцена стапуваат методите за понатамошна суптилна злоупотреба на администрацијата кои ги изнесов во претходниот мој текст на таа тема, а поради релевантноста би ги пренел и овде:
Aктивистите и функционерите на владеачката партија платени на раководни функции од државата, со пари на граѓаните идентификуваат граѓани (не само во администрацијата туку и пошироко) и ги агитираат во неколку слојна кампања преку која
– се афирмираат достигањата на Зоран Заев во изминатите две ипол години власт- главно со непроверени и манипулативни информации;
– се идентификуваат потребите на секој граѓанин во неговото секојдневие како можни точки на нудење поддршка и помош од страна на институциите контролирани од СДСМ;
– се ветува се и сешто за граѓаните на индивидуална база главно преку ресурси од државата во функција на корумпирање на гласачкото право на Македонскиот народ во корист на СДСМ.
Токму тука е целата злоупотреба на овој воспоставен систем кој што финансиран од јавни буџетски пари работи и делува во насока на остварување на политички интерес за актуелната партиска номенклатура на СДСМ.
Наместо заклучок
Во природата на секој човек е да се бори за подобра работа, подобра заработувачка, да биде влијателен во носењето на одлуки и да оствари општествен статус на угледен граѓанин.
Проблемот е што ваквите потреби на граѓаните, раководните структури на СДСМ ги користат за свои партиски цели т.е. да се одржат на власт. Злоупотребата на јавната администрација се состои во тоа што главен збор за сите одлучувачки управни механизми имаат партиски (многу често) сомнителни кадри кои го завземаат местото на квалитетните кадри кои по принцип на негативна селекција се сузбиваат од помалку квалитетните кои ги има во поголем број. Перформансите на администрацијата кои се и тоа како важни за функционирање на државата на овој начин се угушени а мнозинството граѓани стануваат апатични кон ваквите проблеми. Тоа е истото тоа мнозинство кое гласало за подобра иднина а добило партиска војска на која е важно да биде вработена и да зема плата и истовремено како колатерална штета да биде продолжена рака на владеачкото мнозинство на СДСМ.
И токму тука лежи и последниот мој аргумент дека апатијата на мнозинството граѓани во однос на проблемите на државата (генерирани и од самата партизирана администрација) е смислена намера на владеачката гарнитура на СДСМ да го угушат револтот на мнозинството граѓани а преку свои центри на моќ и влијание да се дограбат до што поголем број на гласови за остварување на своја идна политичка моќ и влијание
Пишува: Кирчо Анастасов