Правината и Кривината
(Македонска народна приказна)
Некогаш останала Правината без работа, та немала пари да си купи леб за да јаде и три дена гладувала.
Шетала, одела овде-онде за да најде леб, но не можела и викнала сирота:
— Оф јас сирота, што да правам, дали ќе умрам од глад, нема ли никој да ми помогне?
Ја слушнала Кривината и излегла пред неа:
—Што те мачи, а друшко, што туку офкаш? — ѝ рече Кривината.
— Оф мори сестрице, како да не офкам, кога еве три дена не сум каснала залак лебец, само со водичка живеам!
— Бре, бре, за тоа офкаш? Дојди по мене, јас ќе те најадам од сите убајни.
— Е сполај ти мори сестро, ако го сториш тоа добро, сега да ми се најдеш, јас нема никогаш да ти заборавам.
во меаната
Тргнала пуста Правина по Кривината, душа да најади, оти ќе умрела од глад. Оделе, оделе и влегла Кривината во една меана, а Правината по неа и седнале да ручаат на чесна трпеза.
Му викнала Кривината на меанџијата и му нарачала да донесе од сите турлии манџи и леб од најубавиот. Донеле сѐ и Кривината ѝ рекла на Правината да јаде и ич гајле да не бере, оти таа ќе платела за сѐ што јаделе.
На станување го викнала Кривината меанџијата за да пресмета колку чини ручекот. Пресметал меанџијата дваесет гроша.
— Мошне добро — рекла Кривината — дваесет гроша ти сакаш од мене, а јас сакам шеесет гроша од тебе, што ти ги дадов еднаш кога дојдов; врати ми го кусурот уште четириесет, за да си платиме и да си одиме.
— Какви грошеви си ми дал бре човеку? Не ти е срам што зборуваш така? — рекол меанџијата.
Кога ги чу овие зборови, Правината стана и нога за нога појде и се скри зад врата, од што ѝ падна срам од кривото што го правеше другарка ѝ Кривината.
Кривината и меанџијата се расправаа. Чувај Боже, Кривината викаше колку што ја држи грло, секој што ќе поминеше и заминеше се враќаше за да види што е таа кавга и секој што слушал мислел дека Кривината е во право, оти многу викала.
Виде-невиде меанџијата, извади четириесет гроша и ѝ даде на Кривината. Тогаш викна:
— Ах правино, правино, кај си?
— Море еве сум бре брате, зад врата, туку што да чинам, кога и јас јадев, па валкана сум како Кривината! — се одзвала Правината.
Оттогаш се одделија Правината и Кривината, и нема да се здружат за вечни времиња.
Забелешка:
Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга прва.
Оваа прекрасна македонска народна приказна ја употребив како вовед во овонеделната моја колумна затоа што сметам дека преку неа се кажани многу од работите кои и јас би сакал да ги истакнам за случувањата на тема ,,Право и правда во Република Македонија,,.
Изминатите две недели се одржаа еден марш за правда на власта за кој пишував минатата недела, марш кој помина неславно и кој им покажа дека немаат шанса повеќе да се наддеваат на освојување на власта, и еден грандиозен протест на ВМРО-ДПМНЕ против неправдите кој на мене, а и на сите останати уште повеќе ни докажа што ќе следува на 12-ти Април. На народот дефиннитивно му е преку глава од ,,кривината,, која ни ја сервира власта измиинативе три години, а истата упорно се обидува да ни ја продаде нам и на меѓународната заедница како ,,правина,,. Ама како во приказната која ја пренесов, гласното викање и повторување на одредени нивни гледишта на работите, не само што не значи дека се во право, туку таквото нивно делување веќе наголемо почнува да предизвикува срам и осуда дури и кај некои од нивните поранешни големи подржувачи и соборци. Бруката со маршот за правда во време на апсолутна власт не може да се покрива со викање на глас дека ќе има правда за секого, а притоа да ти избега од затвор убиецот на Нешковски (случај кој иницираше огромни протести), да ги пуштиш убијците од Смилковско со изговор дека имаш докази (да лажеш ужалени семејства поради доаѓање на власт) кои ќе доведат до вистината, да ослободиш лопови и бандити од затворите кои сега секојдневно прават зулуми по аптеки, казина, бензински, палат автомобили итн. Не може да биде правда само она што на власта и одговара, а се друго и сите кои не мислат како нив, да се борци за неправда и криминалци. Така после миитингот на ВМРО-ДПМНЕ од истакнати перјаници на власта прочитав дека на него биле излезени сите кримииналци што ги има во државата, неписмените и небањати вмрони и слични навреди. Дури беше раширена и една фотографија со пораката на платното кое беше носено на почетокот на колоната ,,Заев е крив,, на која и беа превртени неколку букви со цел да се исмее наводната неписменост на вмровците. Што е најтрагично таа ја пренесе и Генералниот секретар на партијата Николовски со зајадлив коментар и навреда дека: ,,еве ги колку се неписмени, а сакаат држава да водат,,. Ај овие простодушници што пишуваат за по едно чорбиче во Влада и за ракиичка некако човек и да ги разбере, ама втор човек на партија да го спушти нивото до толку е многу срамно, особено што притоа неговиот ,,технички,, урла на пресови и пред странците дека очекува многу валкана кампања од другата страна. Но, ваквите подметнувања се карактеристика на СДС(СМ). Со тоа на обичниот народ му го докажуваат токму спротивното, дека тие во недостаток на знаења и вештини со подмолност се обидуваат да добиваат поени и да останат на власт. Тој што има доволно памет и знаење, нема потреба да се служи со вакви финти и подметнувања за да привлече внимание.
Пишував минатиот пат дека целиот правосуден систем во моментов е под силно влијание на хунтата, а она што тие го нарекуваат ,,Сваровски,, било и е минорно во однос на нивното. За тоа сум дебатирал и со многу луѓе од мојата партија уште пред десетина години кога бевме на власт, кога апсолутно во огромен број на случаи што сум ги имал како адвокат, а сум застапувал некоја државна или локална институција немало шанса да се изврши влијание, туку напротив било обратно. Тоа е неспорен факт за кој постојат и пишани документи, а и за влијанието на СДС(СМ) во судскиот систем и во време на ВМРО-ДПМНЕ денес само се докажува со напредувањето на одредени ликови кои тогаш сесрдно им помагаа на нивните членови и активисти. Тоа ниту било, ниту ќе биде правда, а дерењето на цел глас за заробена држава и за контрола врз правосудниот систем од претходната власт, како што се дерела Кривината во приказната не значи дека се во право тие кои тоа постојано го повторуваат. Ништо поразлично од судството не е ниту обвинителството (мислам на сите и поранешни и сегашни). Толку многу се ставени во улога на заштитник на одредени ликови што дури понекогаш кога ги гледам во јавните настапи како се обидуваат да одбранат некоја постапка или некој настан, искрено жал ме фаќа. Слушам било несериозно да ти побара некој да прегледаш снимки за период од еден месец од камерите во Влада оти ,,кујзнае,, колку луѓе таму влегле, ама ич да не ти е проблем да провериш илјадници членови на ВМРО-ДПМНЕ кои давале пари за членарина и донации, или пак да испиташ и обвинииш десетици за тероризам во Собранието на РМ, притоа гледајќи милиони снимки, за да најдеш нешто што ќе го поткрепи обвинението, не може да биде правина. Да се потсмеваш на тврдењето дека одредени лица кои се сликани како седат во кафуле, а се поврзани со мега скандал, не значи дека правеле нешто недозволено, па нема потреба да се проверат, исто така не може да биде правина. Според нашиве органи кои треба да доведат до правда овие кои се спомнуваат веројатно седеле заедно за да се договараат околу аранжманите за годишен одмор и тоа во екот кога аферата веќе излегуваше на виделина. Не може да биде правина кога ќе излезе снимка од ,,главниот,, на која на очиглед на секој нормален се слуша дека се прават недозволени дејствија, а за иста таква на друг лик да тврдиш дека е доказ за криминал без притоа да имаш ниту еден матријален доказ. Впрочем и колективното заминување на овие кадри срамежливо најавено на една телевизиска емисија е најдобар доказ дека нешто не е како што треба во целата работа и доколку дојде до промена на власта најдобро би било целиот проект кој ни го продаваа иминативе години да замине со нив. Тие се свесни дека тоа следува, и затоа со последни сили сеуште се обидуваат да го спасат она што мислат дека може да се спаси.
Правиот пат (Правината) во Република Македонија е длабоко навлезен во кривина и тера кон амбисот. Народот е свесен за тоа и затоа силно го крева својот глас против сите овие неправди кои ни се случуваат. Македонија мора да почне да се обновува од почеток. Целиот систем треба да биде ресетиран од страна на чесни и правдољубиви луѓе. ВМРО-ДПМНЕ го гарантира тоа. Во моментов се прават листите за пратеници, се вршат и анкети околу тоа кој треба да се најде на нив. Апелирам и очекувам од мојата партија да го послуша гласот на обичниот човек и членството и да ги избере вистинските луѓе кои пред се, ја сакаат сопствената држава и го почитувваат својот народ. Потребни ни се луѓе кои преку партијата нема да си го решаваат егзистенционалното и стамбеното прашање, туку личности кои ќе прават добро исклучиво за својот народ. Доста ни е од нерализирани и неспособни ликови кои ја предадоа и посрамија и партијата и државата. ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде биро за вработување на неспособни кадри со болни амбиции, на кои главна преукупација им беше собирањето на патарини, затоа што таквите во минатото ни нанесуваа само штета, а си остваруваа корист лично само за себе и за свои блиски. Оној кој не успеал да се реализира во животот на сите полиња без помош на партијата, тој не заслужува да се најде на пратеничките листи и на раководните функции кои ќе се делат по добивањето на власта. Не смееме да бидеме исти ниту како што е СДС(СМ) кога е на власт, полни со ароганција, омраза и непочитување на противникот. Оваа нова енергија која што ја има во партијата и помеѓу членството мораме максимално да ја искористиме за поголема и поубедлива победа на изборите, а потоа и за што е можно поголемо и побрзо подобрување на животниот стандард на граѓаните, исправање на историските грешки и неправди и конечно за донесување на право и правда во Република Македонија.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата мора да бидат луѓе кои ќе му донесат добро на народот, а не на самите себе! Само тогаш ќе успее овој проект за Обнова на Македонија.
Пишува: Кирил Ковчегарски,
Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ