Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето телефонско јавување во Отвореното студио на Телевизија 1 истакна дека власта на СДСМ и Зоран Заев тргува со правдата. Тој посочи дека судството и обвинителството се ставени под целосна контрола на Заев, па така доколку сте дел од екипата на премиерот, од виновен може да станете невин, а доколку не сте во неговата екипа дури и да сте невин може да станете виновен и обвинителството да ве гони.
-Ние сме сведоци, периодов од гласањето на уставните измени до денес дека во Република Македонија апсолутно се игра и се тргува со правдата. Па така ако сте во екипата на Зоран Заев, од виновен наеднаш станувате невин, а ако не сте во неговата екипа дури и да сте невин вие сте виновен затоа што апсолутно и судството и обвинителството се ставени под целосна негова команда, како во времето на комунизмот, вели Николоски.
Според Николоски јасно е дека пратениците беа ослободени од притвор само за да гласаат за промена на Уставот со цел промена на уставното име, потенцирајќи дека тоа е поигрување со човечки судбини и тоа е трговија со право и правдина.
-Видовме на дело во петокот како луѓе кои што беа нарекувани терористи до ден пред да гласаат, наеднаш се промени реториката во однос на нив и како не им се прифаќаа гаранциите со месеци за да излезат од домашен притвор, лично мислам дека требаше да излезат од притвор затоа што не заслужено седат таму бидејќи луѓето не се виновни, а наеднаш магично и чудно точно им беа прифатени барањата за излез од притвор на ден пред гласањето и на денот на гласање. Тоа е поигрување со човечки судбини и тоа е трговија со право и правдина, заклучи тој.