Денеска во рамки на собраниската расправа по однос на Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи – II читање која што се одвиваше во рамки на 64 седница на Парламентот на Република Македонија, свое обраќање од парламентарната говорница имаше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Тој на почетокот од своето обраќање даде генерални забелешки за анти демократскиот процес кој што актуелната власт го спроведува во врска со овој предлог со што јасно се оцртуваат контурите на капацитетот на актуелната власт и нејзините политики.
Ова е закон кој што не е донесен во согласност со опозицијата, воопшто не е разговарано со нас и не е согласно препораките на Прибе, не е во согласност со ОБСЕ и не е согласно препораките на ДИКАВ, односно не е во духот за градење на заеднички пристап кон создавање на кредибилни институции од доменот на безбедноста. Наместо тоа што 7 години го слушаме од Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека ќе ја департизирал институцијата
За законот за внатрешни работи и самоволието на Спасовски дека ќе ги подобрел условите за живот и работа, дека ќе ги подобрел критериумите за прием и водење во служба го добиваме токму спротивното. Со овие измени во законот за внатрешни работи во моменти на исклучителна геополитичка нестабилност и затегнатост и во моменти кога нацијата треба да биде сплотена а безбедносниот сектор треба да биде со зголемена будност и подготвеност, вие законски овозможувате:
1.Инсталирање на некомпетентни и нестручни клиентелисти,
2. Правите комплетна партизација на министерството,
3. Го кршите уставот и не ги почитувате меѓународните пријатели кои ни помагаат во реформата.
Конкретно за измените кои ги предлагата а се повикувате на препораките од Греко што не се точни, предлагате измени со кои што ќе може да унапредувате полициски службеници до 3 работни места одеднаш. За да напредувате во кариера а посебно во една хиерархиска средина како што е Министерството за внатрешни работи потребни се одредени квалификации односно стручност и компетенции. Тие се добиваат преку процес на обука и курсеви но и најважно- со искуство односно со минат труд. Е како сега вие ќе си назначувате лица кои овие процеси ги немаат поминато?
Почетник кој што вчера е примен може да биде унапреден 3 места и може да му стане шеф на тој што довчера му бил шеф, односно претпоставен. Тоа не е развој во кариерата, тоа е прескокнување на скалилата во службата и тоа вие г-дне заменик министер многу добро го разбирате бидејки сте поранешно воено лице….”
-соопшти пратеникот Драган Ковачки од пленарната расправа по однос на споменатиот предлог.
Ковачки понатаму ја алармираше јавноста за засилување на моќта на министерот во однос на распределбата на позициите во полициските структури преку овозможување на поголеми дискрециони права на самиот министер кој претходно се залагаше за укинување на истите. Со предложените измени на законот Ковачки соопшти дека актуелната власт и министерот сака да наметне законско решение со кое што преку одлука на политичкиот врв во министерството вработен може да скока цели 12-15 години работно искуство кое што му е потребно за да оперира со своите доделени надлежности.
Целото обраќање на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од денешното продолжение на 64 седница може да го погледнете во продолжение:
“Разградување на системот за безбедност преку:
1. Унапредување на полициски службеници и тоа 3 места одеднаш и инсталирање на клиентелисти.
2. Комплетна партизација наместо департизација
3. Кршење на Уставот
Спасовски си го озаконува своето досегашно незаконско работење!”
-напиша Ковачки како кратко резиме на своето обраќање денеска на социјалните мрежи.