На синоќешната конвенција на коалицијата за “Обнова на Македонија” Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во дел од својот говор зборуваше за лошото владеење на Зоран Заев во изминатите 3 години.
Тој владеењето на СДСМ го оквалификува како криминално, неспособно со што Македонија ја насочија во погрешен правец, наспроти вредностите на кои почива Македонија, Македонската борба за слобода низ генерациите во историјата.
“Две работи се сигурни за власта на Заев: неспособни се и криминални, и затоа Македонија оди во погрешен правец. Запрепастувачка е неспособноста со која се управува државата, неспособност која не турка кон дното, нефункционалност на системот кој крахира, неправди кои болат. Неспособност која фрла во апатија, неспособност во која гледаме како државата ни се одзема од рацете. А, не заборавајте Македонија почива на вредности, почива на пркоста на комитите, на храброста на партизаните и мудроста на асномците. На сите жртви дадени од овој народ за слободата и правдините. “
-Соопшти Христијан Мицкоски, по што продолжи да ги разобличува катастрофалните политики на Зоран Заев и врвот на СДСМ вгнезден во институциите на државата:
“Македонија не смее да остане извалкана од печалбарите во политиката, туку мора да ја изградиме за да остане дом за идните генерации. Од политиката денес за жал граѓаните ја видоа само темната страна, со сите нејзини подлости, недостатоци, жолчност и иритирачка реалност. Но политиката пред се мора да биде доблест, прагма која решава проблеми, гради мостови, и создава иднина. Политика базирана на морален кодекс кој ќе биде примерот по кој мора да се раководи секој еден кој сака да работи за Македонија. И само така ќе одиме вистински напред. А, јас само така ја разбирам својата улога во политиката.
А, кога ќе ги слушнам понудите што ги дава другата страна, како да се враќаме во една временска машина пред 4 години, кога ги ветуваа истите работи, истите фрази, истите сега веќе докажани лаги. Овој пат онаа лага за просечна плата од 500-тини евра се вика 600 евра просечна плата, измислиле некоја нова бројка на километри автопатишта кои ќе ги градат, далеку поголема од претходната при што во реалноста не изградија ниту еден автопат, ќе носеле инвестиции, градби, па дури и во заканите се исти како пред 4 години. Ќе рушеле одново сега споменици, ќе имало правда, ќе имало мир, ќе менувале судии и што уште не. Но морам да кажам, да порачам дека тие се завршена приказна.
Нашиот народ знае дека еднаш ако го излажеш, нема да чека тоа да се случи втор пат. Народот знае дека по ветените брда и долини на Заев следуваат уште поголеми разочарувања. Криминал, корупција, неспособност, убијци кои што се шетаат на слобода, судии и политичари со куферчиња Луј Витон, непотизам распространет како вирус. Ако Заев е лицето на оваа власт, вистинскиот репрезент на тоа што преставува Заев е Катица Јанева со се она што видовме.
Народот нема да им даде втора шанса, зошто народот препознава кога го лажеш, кога си играш со неговите чувства, кога градиш кариера врз туѓата несреќа. Кога стануваш премиер, а знаеш дека не ти е заслужено со тоа што можеш да направиш, туку со тоа што можеш да продадеш.
Еве денес кажувам и официјално, експериментот Заев заврши како неуспешен и сите сфатија дека може подобро, може и мора многу подобро од ова денеска тешко, мачно, пеколно секојдневие. Експериментот Заев заврши, но Македонија мора да продолжи.
Секој овде, но и тој што не слуша и гледа пред екраните треба да знае дека овие избори се избори за тебе или за Заев. Избори за повеќе за секого или повеќе за Заев. Избори повеќе за Македонија или повеќе за Заев. Иако е важна одлуката, изборот е лесен, полесен од тоа што навидум ви се чини.”
Целиот говор на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ може да го проследите во продолжение:


