Поенти од говорот на Христијан Мицкоски на митингот во Охрид:
Стопираа, прегледуваа, испитуваа, симулираа, сакаа да го спречат народот слободарски да дојде денеска овде да даде поддршка. Не успеаја, погледајте колку не има, победничка Македонијо!
Овде од Охрид од ова место ги почнуваме сите наши битки и сите наши патишта во овие изборни кампањи, тука е почетокот на сите наши премрежја, на сите наши мегдани, традиционално од Охрид, градот на историјата, градот на љубовта, на верните луѓе, луѓето кои што ја сакаат сопствената татковина. Градот каде Бог не штедел на убавините и богатата природа, местото кое на Македонија, но и на Светот му ги даде св. Климент и св. Наум, градот на големиот Прличев, местото каде живее пркоста на Методиј Патчев, се слави самопрегорот на Христо Узунов, се уште се пеат стиховите на Абраш
„црвено е небото в зори што се смее, црвено е знамето гордо што се вее;
И гневот е црвен на стари и млади”.
Гневот е голем, навистина голем од она што и го направија на Македонија. Затоа, добри луѓе, браќа и сестри, илјадници собрани овде, но и оние што се дома и што не следат, Ви порачувам и Ве повикувам, придружете ни се, време е за акција, дојдете.
-рече на почетокот од своето обраќање пред присутните од говорницата од плоштадот на Балканскиот Ерусалим-Охрид.


