“На 31 мај 1998 г. почина Драган Богдановски, роден на 18 септември 1929 во с. Клечовце, Кумановско, најпознатиот македонски дисидент, човек кој го посвети животот на борбата за независна, обединета Македонија. Заради таквата идеја и дејност, почнувајќи од 1949 па сè до неговата смрт, беше изложен на прогон, притисоци и репресија. Во 1952 г. УДБА оформува полициско досие за Драган Богдановски категоризирајќи го како екстремен емигрант и непријателски дел на македонската емиграција на Запад. Неговиот животен пат исполнет со богата политичка активност, наликува на неверојатно филмско сценарио, испишано низ удбашките белешки и емигрантски бироа, низ истражните канцеларии и затворски келии од логорот Лаврион па до Идризово, низ долгите патувања од Клечовце до Белград, Париз, Минхен, Берлин, Брисел, Торонто, Скопје… Бил основач, раководител или активист на повеќе организации на Македонците: „Народен фронт“, „Македонски национален фронт“, „Македонски национален комитет“, „Ослободителен комитет на Македонија“, „Движење за обединување на Македонија“, „Движење за ослободување и обединување на Македонија“, „Демократска партија за македонско национално единство“, „ВМРО-ДПМНЕ“ итн. Киднапиран од југословенските служби во Париз (5 мај 1977), со месеци тајно е чуван во Јасен, а потоа осуден (февруари 1979) на затворска казна од 13 години. Од затворот излегол на 8 декември 1987. Неговото полициско досие, она кое беше дадено на увид, брои околу 9.000 страници и заедно со другите сочувани материјали ќе биде предмет на изучување на идните генерации историчари. Остана запаметена неговата мисла дека патот до територијалното единство на Македонија води преку духовно и политичко единство на македонскиот народ! Вечна слава!”
На денешен ден под сомнителни околности во воз на пат за Франција згаснува животот на Драган Богдановски


