Како против одговор на вчерашната прес-конференција на Горан Трајковски, кандидат за градоначалник на Делчево од редовите на СДСМ, денес од ВМРО-ДПМНЕ жестоко одговорија и го запрашаа: Дали кога Трајковски рече дека ќе работи чесно, мислеше на наводното чесно работење во текстилната фабрика во која тој имаше сопственички удел во минатото. Во изјава објавена на порталот Курир, Кристи Стојковски, кандидат за советник од ВМРО ДПМНЕ Делчево рече дека Трајковски треба да им одговори на граѓаните на прашањето како беа набавени машините за шиење во споменатата фабрика.
-Г-дине Трајковски одговорете и на јавноста дали сте биле дел од истрагата за незаконско прибавување на опрема за работа на оваа фирма? Дали се вистините тврдењата на јавноста дека на дел од добавувачите на оваа текстилна фабрика им должите пари и истите немате намера да им ги вратите. Дополнително кажете и на делчевската и целата македонска јавност дали е вистина дека поради вакви и слични должничко-доверливи односи вие лично сте учествувале во физички пресметки со вашите дотогашни соработници?, праша Стојковски. Во изнесените обвинувања објавени на порталот „Курир“ Стојковски додава:
-Дали бруталните плукања врз трудот и маката на земјоделците од Делчево и цела Македонија за вас г-дине Трајковски во минатата сезона имаат воопшто нешто заедничко со самопрогласениот живот на вашиот лидер Зоран Заев? Или пак за вас животот за делчевчани подразбира лажење на лекарите и зголемувањето на нивната плата. Лажење на пензионерите за растот на нивните пензии. Лажење на работниците со фамозната просечна плата од 500 евра?
Како не ви е срам да ветувате изградба на филтер станица на вода за пиење за делчевчани? Кога за истиот овој проект, иако се обезбедени финансии за негова имплементација, од актуелниот градоначалник на Делчево, штетните и деструктивни политики на вашиот лидер, Зоран Заев ја спречуваат реализацијата на овој егзистенцијален проект за Делчево?, праша Стојковски. Кандидатот за советник Стојковски му порача на Трајковски дека граѓаните на Делчево добро го познаваат, додавајќи дека тие ќе го поразат на претстојните локални избори на 15 Октомври.