Министерот за внатрешни работи во владата на СДСМ и ДУИ Оливер Спасовски преку социјалните мрежи се пофали дека полицијата го пронашла и привела лицето кое што опожарило влезот на контраверзниот клуб “Иван Михајлов” во Битола.
“Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов“ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото.
Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода.
Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!”
-соопшти Оливер Спасовски преку социјалните мрежи.
Повеќе портали во јавноста упатија неофицијални информации за приведеното лице дека станува збор за пеачот Ламбе Алабаковски кој неодамна се врати од странство со желба да продолжи да живее и работи во неговата родна држава.


