На последната седница на Советот на Општина Виница, мнозинството на советници предводени од СДСМ а по предлог на Градоначалникот Ивица Димитров ја изгласале предлог-одлуката за пренамена на 480 илјади денари од програмата за капитални расходи во културата во програмата за привремени вработувања во општинската администрација.
За ваквата постапка на локалните власти во Општината Виница реагираа од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Виница.

Дарко Јангелов кој што е координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ при општинскиот совет упати своја реакција во јавноста која ја пренесуваме во целост во продолжение:
“Градоначалниче дали сериозно мислите дека ние (Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата) ќе ви гласаме Предлог -Одлука со која, во време на пандемија и економска криза и кога администрацијата е со намален обем на работа и истата ротира, предлагате зголемување на средствата на Буџетот на општина Виница за Привремени вработување за речиси пола милион денари, на сметка на Капиталните расходи во кулурата?
Ова беше моето прашање на последната седница на советот упатено до градоначлникот на општина Виница, а поврзано со оваа скандалозна предлог одлука.
Воедно упатив и апел до мнозинството од советот да го стави интересот на сите граѓани на општината пред партискиот и да не го гласа предлогот на градоначалникот.
Апелот за жал не беше прифатен и со тоа за точно 480.000 денари се зголемија средствата наменети за ПРИВРЕМЕНИ ВРАБОТУВАЊА, на сметка на КАПИТАЛНИТЕ РАСХОДИ во културата!”


