Интегрален текст од обраќањето на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иваново на Првата национална конференција за византологија и медиевистика на тема „Самуиловата држава – 1000 години потоа (1018-2018)“
Чест ми е да ве поздравам на првата Национална конференција за византологија и медиевистика. Летово, додека престојував во вилата „Билјана“ во Охрид, кај мене дојдоа професорите Филиповски и Цветановски и ме поканија да бидам покровител на оваа конференција. Додека разговаравме за Самуил, пред очи ни беше Охрид и Самуиловата тврдина. Иако, нè делат 1000 години од падот на Самуиловата држава, сепак, актуелните случувања во Република Македонија упатуваат дека имаме ненаучени лекции кои одново ни се повторуваат.
Кога веќе ја имам можноста да ја отворам оваа научна конференција, дозволете ми да се произнесам и за темата. Како универзитетски професор кој речиси две децении предава политички теории и политичка филозофија, предмет на интерес ми беа и политичките теории и институции на Источното Ромско Царство. Тоа ќе биде дел од фокусот на моето обраќање.
Кога во 867 година Ерменецот Василиј со преврат станал византиски император, нему му биле потребни сите можни аргументи за да ѝ даде легитимитет на својата власт. Еден од тие аргументи бил фактот дека тој се родил во византиската тема Македонија, која опфаќала само еден мал дел од поширокиот историски и географски регион Македонија. Тоа било повод неговата династија да се нарече македонска. Надоврзувајќи се на овој наратив, Константин VII Порфирогенит изградил перцепција за наводна генеолошка врска на неговиот дедо Василиј I со античката македонска династија за да го зајакне легитимитетот. Тоа денес некои го нарекуваат антиквизација.
На византиската македонска династија, секако, ѝ одел во прилог фактот дека во тоа време не постоел друг државен субјект што би се повикувал на славната македонска традиција. Но, набргу нештата се смениле.
Словенските светители и просветители Кирил и Методиј и нивните ученици Св. Климент и Наум Охридски создале услови за културно, образовно, духовно, а со тоа и социоекономско издигнување на словенските народи, и конкретно, народот на Македонија. Семето што го посеале изртило и пуштило корен од кој никнала една фиданка. Во 969 година, користејќи ја презафатеноста на Византија на Истокот, комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самуил кренале востание против разнишаната бугарска власт. Во 976 година, односно пет години по укинувањето на Првото бугарско царство од страна на Византија, Самуиловата држава се воспоставила како нова геополитичка реалност на Балканот.
Острогорски вели дека и според составот и според карактерот, Самуил создал ново царство. Политичкото, духовното и културното јадро на таа држава било во југозападниот дел од Македонија. Таму се наоѓале и првата и втората престолнина – Преспа и Охрид.
Како „воинствен човек кој никогаш не знаел да мирува“, Самуил ја искористил Граѓанската војна во Византија и за релативно кратко време ја создал најголемата словенска држава на Балканот, која излегувала на три мориња, а на север била ограничена со Дунав и Сава. Како голем воен стратег, Самуил инвестирал во одбраната на јадрото на државата преку низа утврдувања. Притоа, освоените бугарски територии биле пред сè во функција на заштита на територијата на Македонија.
Оваа нова државна творба имала и свој специфичен државен интерес –контрола на стратешкиот коридор Виа Егнација од Солун до Драч.
Самуил воспоставил и нов црковен центар во Преспа. Со цел да го зацврсти легитимитетот на народната црква во Македонија, Самуил ги пренел моштите на еден од учесниците на Првиот вселенски собор ‒ Св. Ахил Лариски. Подоцна, духовниот центар го пренел во Охрид каде била жива глаголичката традиција која не фатила корен во Бугарија.
Самуиловата држава и суштински се разликувала од Византиското и Бугарското Царство и поради толерантниот однос кон богомилската ерес. Во тоа, на некој начин, ги гледаме контурите на она што денес го нарекуваме македонски модел на соживот и почитување на различноста.
Ова се неспорните факти. Постојат многу отворени прашања за кои сè уште се води дебата. Дали Самуил бил крунисан за цар или крал? Која била Самуиловата етничка припадност ‒ Ерменец, Македонец-Брсјак или Бугарин? И покрај овие дилеми, едно е сигурно. А тоа е дека лојалноста на населението кон владетелот не зависи толку од неговиот етнички идентитет колку од неговата способност да ги задоволи социоекономските и културните потреби и интереси на населението. Народот на Македонија го прифатил Самуил како свој владетел. Не само што нема докази за незадоволство на народот од владеењето на Самуил, туку, до последните битки, тој и неговите наследници можеле да мобилизираат голема војска.
Сите овие факти упатуваат на заклучокот дека државата на Самуил суштински се разликувала од Бугарското Царство. А сепак, денес, 1000 години подоцна, науката сè уште дебатира за бугарскиот карактер на Самуиловата држава. Како се случи тоа?
Прво, византиските автори го користат терминот Македонија само за деловите од Македонија кои се под византиска власт. Тие прават внимателно терминолошко разграничување меѓу Самуиловата држава и византиската тема Македонија за да го монополизираат името Македонија само за своите потреби. Пример за таква монополизација имаме и денес. Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред 1000 години.
Второ, официјалната византиска историографија одбива да ја признае и да ѝ даде легитимитет на Самуиловата држава. За разлика од Првото Бугарско Царство кое било признато од Цариград, а бугарскиот цар бил сметан за духовен син на византискиот император, Самуил и неговата држава не биле признати. Јован Скилица, востанието на комитопулите го нарекува одметништво, а Самуил го нарекува тиранин. Во такви услови на непризнавање и изолација, Самуил се свртел кон Рим. Дали примил круна од папата или не е прашање на дебата, но факт е дека големата византиска офанзива од 1001 година се случува по крунисувањето на Самуил. Со сличен предизвик се соочивме и ние. Првите обиди на независна Република Македонија да биде меѓународно признаена резултираа со агресивна грчка дипломатска офанзива која кулминираше со нелегално економско ембарго и долгогодишна блокада на нашите интеграции.
Трето, Џонатан Шепард ја забележува разликата меѓу декларираните и вистинските цели на Василиј. Иако освојувањето на Самуиловата држава била негова јавно декларирана цел, сепак, неговата вистинска цел била обезбедување внатрешна кохезија на Империјата и контрола врз војската и амбициозните генерали. Сè додека Василиј успешно се борел со Самуил, неговата власт не се доведува во прашање. Анексијата на Самуиловата држава во 1018 година го лишила Василиј од натамошен изговор за контрола врз војската. Дали нешто слично гледаме и денес, кога прашањето за името на Република Македонија се користи како средство за мобилизација на избирачите од страна на грчките политички елити пред секои избори?
Четврто и последно, авторите ги пренесуваат сфаќањата од епохите во кои пишуваат на епохите кои ги проучуваат и за кои пишуваат. Според Стивенсон, Василиј II го добил епитетот „бугароубиец“, 150 години по смртта, за да се оправдаат византиските походи против Второто Бугарско Царство. Епитетот на Василиј II станал еден од клучните аргументи за бугарскиот карактер на Самуиловата држава и нејзиниот народ.
Не би сакал да бидам погрешно разбран. Не се обидувам да ги поистоветам Самуиловата држава и Република Македонија, ниту Византиското Царство и современата грчка држава. Овие паралели ги спомнувам само затоа што ја потврдуваат Хегеловата констатација дека ако нешто научивме од историјата, тоа е дека ништо не научивме од историјата. Сме можеле да донесеме многу помудри одлуки ако внимателно ја читавме историјата, особено онаа за Самуил.
Што значи сево ова за нас денес?
Бидејќи сме во Охрид, како метафора ќе употребам една практика поврзана со патронот на градот. Св. Климент бил познат по тоа што, меѓу другото, го научил народот да ги калеми овошките. Затоа и денес охридските цреши ги нарекуваме климентици. Но, освен калемење на овошки, постои и калемење на теории, истории и светогледи.
На стеблото на Самуиловата држава е накалемена туѓа гранка. Таа туѓа гранка се официјалните византиски перцепции за карактерот на Самуиловата држава. Од тогаш стеблото наместо сопствени дава туѓи плодови. И затоа многу хроничари и историчари со децении и векови се хранеле од плодовите на калемот, мислејќи дека тоа се плодови на изворното стебло.
Нештата почнале дополнително да се комплицираат по Француската револуција кога на Балканот продреле идеите за националната држава.
Додека на Западот се развил вестфалскиот модел на суверена држава одвоена од црквата, на Истокот опстанал предвестфалскиот модел на симфонија. По пропаста на Византија и освојувањето на Османлиите, митрата на патријархот станува супститут за царската круна. Патријархот станал лидер на милетот, односно милет-баши, одговорен пред Султанот за мирот и поредокот меѓу верниците.
Со пропаѓањето на Османлиската Империја, нетериторијалните милети станаа територијални девлети, диецезите на помесните балкански цркви станаа граници на новите балкански држави. Религиските идентитети станаа национални идентитети. Во лушпата на предмодерниот милет-систем почнале да растат модерните нации држави.
Заведени од вирусот на империјализмот, балканските елити ги развија проектите за големите држави на Балканот. Но, за да го колонизираат просторот, тие прво мораа да го колонизираат времето. Предмодерните сложени процеси почнаа да ги поедноставуваат и толкуваат со модерни категории. Настаните од дамнешното минато почнаа да ги перципираат низ матрицата на модерниот национализам. Или, како што вели Чеслав Милош, „колку подоцна некаде се појавил национализмот, толку поревносно се стремел да се надоврзе на времињата од приказните“. Затоа, Стојан Прибичевиќ со право ќе констатира дека „националистичките и културните предрасуди доведуваат до тоа во голем број словенски и несловенски натписи за Македонија да провејуваат лажни факти, сомнителни теории и погрешни претпоставки.“
Точно е дека победниците ја пишуваат историјата. Но, исто така, точно е дека поразените ги создаваат легендите кои, иако, не секогаш се држат до фактите, сепак ја пренесуваат смислата на настаните. За разлика од модерниот човек воспитан во духот на рационализмот и картезијанскиот скептицизам, фокусот на предмодерниот човек не се толку фактите, колку смислата. Затоа се вели дека знаењата се минливи, но мудроста е вечна. А таа мудрост се стекнува со искуството на бројни генерации.
Самуил бил поразен, неговата држава била анектирана, подоцнежните востанија биле задушени. Но, во колективната меморија на народот останал споменот за тој краток блесок во долгата македонска ноќ. Кога во последната деценија на 11 век архиепископот Теофилакт пристигнал во Охрид, охриѓани за негов инает го пречекале со победнички песни со кои ја славеле пропаднатата Самуилова држава.
Можеби токму затоа, во 1944 година, отворајќи го Првото заседание на АСНОМ, илинденецот Панко Брашнаров со преполна душа ќе рече дека со тој чин се измива „од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“.
Таа АСНОМ-ска Македонија е фиданка што изникна од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава. И како фиданка, таа го даде вистинскиот плод, оној долго заборавен и потиснуван од туѓите, калемени гранки на пропагандите и идеологиите. Тој плод, меѓу другото, е и независна и суверена Република Македонија во која вие, историчарите, имате целосна академска слобода да истражувате и пишувате. Таа слобода ви овозможува без ронка страв и со критичко око да ги преиспитувате догмите врежани во камен кои со децении беа третирани како општопознати факти од страна на некои ваши колеги од соседството.
Но, денес, за жал, се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А таа туѓа гранка е Договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на „Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања“. Иако тој комитет би требал да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави.
Авторите на текстот на Договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење балкански идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша. Но, тие одат и чекор понатаму со тоа што негираат многу универзални вредности. Го негираат пред сè правото на самоопределување кое значи дека само нацијата има право на одлучување за својата судбина, дека никој не е овластен насилно да интервенира во нејзиниот живот, да ги руши нејзините школи и други институции, да спроведува насилство над нејзините обичаи и навики, да го сотира нејзиниот јазик или да ѝ ги забранува нејзините права. Го негираат и правото на слобода на мисла, совест и религија, но и правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.
Со Договорот од Преспа, вашата академска и образовна дејност ќе ја надгледуваат политичари, дипломати и бирократи кои ревносно ќе ги цензурираат учебниците што вие ги пишувате или од кои вие предавате.
Една од причините за пропаста на Самуиловата држава беше превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната. Нешто слично гледаме и денес.
И во такви услови, за жал, секогаш ќе се најде некој кој ќе прифати да напише политички коректна историја во која ќе се наметнуваат претстави скроени по волјата на нашиот јужен сосед. И тие плодови на тој нов калем ќе им се даваат на нашите деца во училиштата и на нашите студенти на факултетите.
Големиот дијагностичар на современото грчко општество Никос Димоу вели дека Грците имаат потреба да се митологизираат себеси а ги демитологизираат другите. Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на Македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија.
Искуството покажа дека речиси сите проблеми на Балканот настануваат тогаш кога политичарите се занимаваат со историја, а историчарите со политика. Некој ќе каже, Претседателе, па и овој ваш говор е посветен на историјата. Но, јас не зборувам за историјата. Јас зборувам за принципите и вредностите што се доведени во прашање поради политизацијата на историјата, и за тоа зборувам со неоспорливи историски факти. Моја должност како Претседател на Република Македонија е да ги штитам придобивките за кои се бореле и се избориле нашите предци. А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина.
Зборувам не само како Претседател, туку и како ваш универзитетски колега. Да не дозволиме некој да ја исполитизира историската наука. Да не дозволиме некој да создава политички коректна историја. Да не дозволиме некој да ни ја ограничува академската слобода и да не цензурира.
Цензурата е дете на стравот и мајка на незнаењето. Бидејќи стравот од вистината раѓа незнаење. Тоа не е ништо друго освен страв од деконструкција на модерни национални митови создавани на наша сметка.
Пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава – Република Македонија. Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација, погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода, или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја.
Ви благодарам.