Помина точно една година откако на власт во Берово се градоначалникот Ѕвонко Пекевски и неговата партија СДСМ. Денес на официјалната Веб страна на општината имавме можност да го прочитаме и ЌЕ-отчетот на ЌЕ-градоначалникот. По прочитаното и споредбата во реалноста, навистина е тешко да се каже некој збор за човек и партија, кој освен што ја имаат добиено функцијата од граѓаните, немаат апсолутно ништо направено изминатата година за истите тие граѓани. За жал, реалноста е многу сурова по ЌЕ-градоначалникот и граѓаните. Наместо тоа за што е избран Пекевски своето време го поминува во целосна илегала, веројатно затворен во некоја канцеларија или во својот дом за обичниот граѓанин да не може да го види, да го поздрави, да го праша до каде е со исполнувањето на ветените проекти и да биде прегрнат и потапкан од градоначалникот, срдечно и братски по рамото, онака како што само тој знае.
Кога Пекевски даде отчет за првите 100 дена власт исто како и во овој годишен отчет се пофали со проектите изработени и скоро во целост реализирани од претходниот градоначалник и администрацијата и тогаш, а и сега поголемиот дел најбезобразно си ги припиша за свој успех. За среќа жителите на општината многу добро паметат кој и што направил и во свое време.
Наместо да си ја врши работата за која е избран и да го олеснува животот на обичните граѓани, Пекевски и неговата СДСМ во изминатава година сторија се да си го олеснат единствено сопствениот начин на живеење и секако да си ги вработат членовите од семејството и пријателите. Па така, првата реформа беше преместувањето на сопругата на градоначалникот од работното место во Струмица на работно место во Берово и тоа наместото од бремена жена за што впрочем известија и сите медиуми во државата. Поранешен градоначалник и пратеник од СДСМ беше унапреден на повисоко работно место, иако истиот исполнува услови за старосна пензија. Не ги забораваме и поранешните претседатели на општинската организација, кандидатите за градоначалници, нивните сопруги и деца, сите без исклучок припадници на познатите СДС-овски фамилии во Берово, па по правило најпрво нив ги сместија на добри работни места со високи примања, иако се и онака добро ситуирани. Вашите обични членови, вашите активисти, заслужни за местото на кое се наоѓате ве бараат насекаде, да ви се пожалат, да побараат помош, меѓутоа за нив вратите се затворени затоа што тие не се членови на фамилиите кои во изминативе децении го урнисаа Берово и селските населби. Кога сме веќе кај нив да ве потсетиме дека освен градот Берово во склоп на општината имате и неколку села и дека треба и за нив да се грижите и да помогнете во нивниот развој, а не само да ја споменете таквата потреба во својот отчет и да раскажувате шарени бајки за тоа што ЌЕ направите во иднина.
Во програмата за која сте избран да ја реализирате ветувавте проекти, а најголем реализиран проект изминатата година ви беше свеченото пуштање во употреба на 4 канти за ситно ѓубре и еден контењер, кои патем ви беа донирани. За овој проект кој дури и медиумски го промовиравте ни се смееше цела Македонија, а во меѓувреме Берово се дави во ѓубре и никогаш не било толку нечисто. Кучињата скитници буквално го имаат окуприрано градот, особено центарот и само прашање на време е кога ќе дојде до некоја трагедија, а ветувавте решавање на овој проблем. Спортот во општината буквално „расцвета како пупка“ што би рекол вашиот лидер, откако вие сте на власт. Еве Малеш кај и да е ќе згасне, а за развој на нови спортови кои ги најавувате може само да сонуваме, особено поранешните и актуелните спортисти кои ве поддржуваа. Во делот на културните збиднувања, освен повремените изложби во еден хотелски комплекс на ваш активист, наместо во соодветно место за тоа, за да можат да ги видат и обичните смртници, не направивте буквално ништо, односно и она што веќе беше дури и меѓународно афирмирано го спуштивте на најниски гранки.
Од отчетот разбравме дека на истиот тој приватен комплекс и ќе му ги менувате цевките за вода, веројатно за оние штоќе одат на изложба да имаат питка и квалитетна вода за пиење. На Етно фестот имињата како Здравко Чолич, Северина, Есма, Танец ги заменивте со анонимци за кои подоцна при одржувањето на познатиот „Нато фест“ низ државата се дозна дека се ваши поддржувачи и активисти кои веројатно поради својата „голема популарнос“, доколку не бидат на ваков начин ангажирани, не можат да си најдат соодветен ангажман. Вредно е да им се напомене на граѓаните дека бината која беше поставена за настапот на овие ѕвезди, годинава ја чинеше општината многу повеќе отколку изминатите години, а за сметка на тоа беше стопирана втората фаза од изградбата на старечкиот дом со кој толку многу се фалите дури и во отчетот. Се надеваме дека еден ден некои независни институции во државата ќе ја испитаат оваа и други сомнителни зделки и незаконитости во вашето работење за кои имаме сознанија и соодветна документација, наместо, како сега да се занимаваат со бесмислените кривични пријави, дисциплински казни, преместувања во други градови на сегашни и поранешни функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните и вашите обични сопартијци и активисти, пред неколку дена, на незаконски организираниот референдум ви кажаа што мислат за вашето и за вашата партија, работење и практикување на власта. За неработењето, неспособноста, непотизмот и корупцијата ве опоменавме и при одбележувањето на вашите 100 дена на власт. Затоа и покрај сите притисоци, закани, подмитувања, лажни ветувања и што ли уште не, имавте дури за 1/3 помалку гласови, отколку што добивте на изборите минатата година, вие и вашата партија.
Како и на 100-те дена и денес после цела една година власт, Ти напоменуваме дека времето за жалење и кукање одамна ти помина. Господине Пекевски, никој со сила не те натера да бидеш градоначалник, уште повеќе што за сите проблеми и состојби во општината кои повторно ги споменуваш во отчетот, како службеник кој е таму вработен од одамна знаеше многу повеќе од нас обичните граѓани. Ти не си избран да се криеш од граѓаните, да се жалиш на затекната состојба за која патем како што добро знаеш највиновни се твои сопартијци, поранешни и сегашни многу блиски соработници, туку да работиш и да го оствариш она што го ветуваше пред Беровци.
Затоа засукај ракавите и фати се за работа, ама за сериозна, а не само да ни ги замачкуваш очите со ЌЕ направиме ова, ЌЕ направиме она, и само заради остварување на личните и партиските интереси, оти времето бргу ти поминува, а тркалото немилосрдно и забрзано се врти.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го следи секој твој чекор во работењето и за се навремено ќе ги информира граѓаните на општината, а кога ќе дојде време за се ќе направи ревизија и ќе иницира соодветни постапки.