Книгата „Киборшка естетика: ремикс апропријација на уметноста“, на Вангел Ноневски (професор по филозофија на култура и естетика на Филозофски факултет) беше промовирана пред Виничани.
Се работи за еден поширок филозофски контекст кој се стреми да го присвои дискурсот на ремикс културата како најсоодветен за елаборација на современите интерактивни уметности. “ Поаѓајќи од простото сознание дека уметноста денес е посредувана од новите медиуми, при што таа преминува во контекст за бесконечни ремиксувања од страна на вмрежените корисници, современата естетика раскрстува, не само со анахрониот поим на авторот, туку и со идејата за уметничкото дело, разбрано како концепт кој упатува на завршеност или конечност.

“Штом е делото посредувано од новите медиуми, тоа станува подложно на постојани реконтектуализации, при што де факто се преобразува од уметничкото дело во уметнички контекст. Новите медиуми, пак, од ден на ден, експоненцијално стануваат протетички импланти и тие за нас претставуваат стекната природност (second nature) во процесите на комуникацијата.
Таквиот киборшки однос кој го имаме со новите медиуми и нивната предиспозиција да изнудуваат интерактивност, е точката во која концептите на киборгот и ремиксот се вкрстуваат“
– вели авторот Ноневски.