Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во општинскиот совет на Свети Николе Кристијан Кузелов денеска во јавноста излезе со своја иницијатива за формирање на награден фонд за фудбалерите на ФК “Овче Поле” од Свети Николе.
Тој во овие кризни времиња соопшти во јавност дека ќе го донира половина од својот советнички паушал за фудбалскиот клуб доколку фудбалерите извојуваат победа во претстојниот натпревар во среда против ФК Арсими за влез во Втората Македонска фудбалска лига.
Притоа Кузелов ги повика сите позначајни јавни функционери во општината со својот пример да го помогнат клубот во неговите идни фудбалски успеси, со што би стимулирале и приватни компании да го сторат истото.
“Во контекст на претстојниот фудбалски бараж натпревар помеѓу ФК Овче Поле и КФ Арсими за влез во ВМФЛ, кој ќе се одигра во среда на стадионот во Ѓорче Петров сакам да им посакам на играчите на клубот храброст, лавовска борба и спортска среќа за да дојдат до посакуваната победа која сите ја очекуваме и посакуваме.
Во контекст на таа цел сакам да изјавам дека ако клубот оствари победа ќе донирам на клубот пола советнички месечен паушал, со цел да стартуваме еден мал награден фонд.
За таа цел ги повикувам СИТЕ советници, пратеник, градоначалник, СИТЕ директори и носители на јавни функции во Свети Николе да го следат примерот и да поставиме стандард за општествена одговорност, стимулација и респект за спортот и за фудбалот.
Со тоа преку сопствен пример ќе дадеме стимул за донирање и општествена одговорност и од страна на приватниот сектор без чија помош клубот речиси и да нема да може да се натпреварува во втора лига.
#СтимулирајСпорт #ФКОвчеПолеВоВтораЛига“
-соопшти советникот од ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Кузелов.