Честопати филозофите ги сметаат за сметени, конфузни и збунети луѓе, кои многу зборуваат, а ништо не кажуваат. Оттука, веројатно, и квалификацијата „дрвен филозоф“ или потсмешливата оценка: „Остави го, тој само филозофира!“ Притоа, се смета дека филозофите говорат премногу општо, па и ништо не кажуваат за поединечното, секојдневно-случувачкото. Но дали е така, дали навистина филозофскиот говор е општ, празен говор, кој ништо не говори за конкретното, поединечното? Мислам дека мал пример може да помогне (колку-толку) во расветлување на дилемата. Исказот „Сите луѓе се смртни“ е општ исказ. Меѓутоа, сеедно што е општ исказ, тој се однесува на секој поединечен човек, па кажувајќи го, филозофот нема потреба да нагласува дека Сократ, Платон, Аристотел… се смртни, бидејќи ако се луѓе, тогаш секој од нив е смртен, оти претходно беше кажано дека сите луѓе се смртни. Според тоа, општото се однесува на секое поединечно, но обратното не важи – дека, имено, поединечното се однесува на општото, на некоја определена целина
Се смета дека зборот „филозоф“ прв го употребил Питагора. Според ова кажување, прашан што е филозоф, Питагора одговорил сликовито. Според него, постојат два вида луѓе. Едни одат по пазарите и панаѓурите нешто да купат или да продадат. Меѓутоа, постои и друг тип луѓе. Тие одат по пазарите и панаѓурите не нешто да продадат или да купат (макар што тоа не е исклучено) туку одат да видат што таму се случува и виденото да го с п о з н а а т. Според тоа, филозофот (пред сѐ) го интересира самото познание, а не некоја практична, материјална корист. Покасно, на ова теза инсистирал Аристотел. Поедноставено, за него филозофијата е знаење заради самото знаење, без каков било друг интерес. Но, покасно, и филозофите се променија. И нив почна да ги интересира интересот. Пример? Ги има многу, за да можат да се набројат. Впрочем, денес нема човек кој не филозофира, односно „филозофира“. Битно е, велат, нешто да се правело, макар и ништо не се правело.