Аристотел сметал дека човекот е политичко животно. Односно, zoon politikon, бидејќи единствено боговите и ѕверовите се самодостатни или самодоволни; односно, доволни самите на себе. Меѓутоа, човекот ја нема ниту моќта на боговите, ниту канџите или забите на ѕверовите. Затоа, тој е недостатно суштество, суштество кое не е доволно самото на себе. Како недостатно (несамодоволно) суштество, принуден е да живее со другите и, живеејќи со другите, тој е друштвено суштество – суштество кое има потреба да другарува/општи со другите. Во таа смисла, тој е општествено суштество, не само затоа што врз себе го носи знакот/печатот на општеството, туку и затоа што нужно, според самата своја природа, создава општество/заедница, во која сите би требале да постојат за-едно. Токму така : за-едно! Тоа едно е доброто на сите.
Значи, кај Аристотел, смислата на човекот како zoon politikon е многу поширока отколку што најчесто се мисли. Дека е, имано, само политичко суштество. Тој е тоа и многу повеќе од тоа, бидејќи има потреба да другарува/пријателува, да се дружи/општи со другите. На тој начин, тој е и другар, и пријател, и сопатник, и патник и… Меѓутоа денес, за жал, сведени сме само на една димензија: на политички животни, сфатени во најгрдата смисла на овој збор, подготвени секој момент меѓусебно да се изедеме/уништиме.