Досега доминираше принципот, според кој оваа, или онаа дупка не беа дупки, туку биле било што друго, освен дупки/шупки. На тој начин, сè се преобразуваше во својата спротивност. Лагата не беше лага, како што и лошата политика не беше лоша политика. Разградувањето на државата не беше тоа што беше – разградување на државата, туку одење напред кон Големото и Непостоечко Ништо. Шовинизмот, националистичката нетрпеливост, како и сепаратистичките тенденции не беа тоа што беа, туку беа борба за човекови права.
Така беше сè до оној миг, кога оној несреќник (наводно духовник и верски лидер) изјави, без око да му трепне, за цел еден народ, среде неговата држава, дека овој народ не е народ; односно, ако е, тогаш е прост, примитивен, без идентитет. После оваа изјава започна процесот (додуша сè уште срамежливо) во кој прекинува да важи принципот дека оваа дупка не е дупка и на него почна да се поставува единствено можниот принцип дека оваа дупка е дупка.
Односно, пренесено и на други планови, дека шовинизмот е шовинизам; дека омразата е омраза и дека желбата да не се живее во држава скроена единствено по нечиј, т.е. свој терк, е пат кон федерализација и сепарација, исто онака како што и слепилото на властите е тоа што е – слепило за сè, освен за сопственото слепило, заради пуста пара и пуста белосветска слава, која сè повеќе преминува во потсмев.