Сѐ поизвесни стануваат последиците од отворањето на Пандорината кутија, опасност на која укажував во неколку поста. Сметав (и сметам) дека со тој процес (отворање на Уставот) многу несакани нешта ќе и з л е з а т, како што и многу нешта ќе се в г н е з д а т и ќе ја обезличат Република Македонија.
(1) После собраниската седница од 19-ти октомври јасно станува дека власта си обезбеди двотретинско мнозинство. Начинот на кој тоа е постигнато може да се анализира, критикува, осудува или одобрува, меѓутоа фактот е следниот – на наредните собраниски седници не ќе мора да се трага/тргува по двотретинско мнозинство, бидејќи тоа е веќе обезбедено/вгнездено во Собранието. Уште повеќе ќе се вгнездува после процесот на партиското исфрлање/излегување од матичната опозициска партија. Значи, се случува двоен процес – излегување од претходната партија и влегување/вгнездување во парламентарното мнозинство. Дали влегувањето/вгнездувањето ќе биде проследено и со формално приклучување кон мнозинството или само со формирање на посебна пратеничка група е ирелевантно.
(2) Започнува процес на отварање на Уставот. Од него некои нешта ќе излезат (ќе бидат исфрлени/избришани), додека некои други нешта ќе се вгнездат/внесат, како што се промена на името, или барањата содржани во Договорот со Грција и Бугарија, во Тиранската платформа и сл.
Можеби текстов некому ќе звучи непотребно песимистички. Меѓутоа, она што науката и здравата мисла треба да го направат е констатирање на фактите онакви какви што се – без разубавување или црнење, бидејќи непоткрепениот оптимизам е исто толку опасен, колку што е опасен непоткрепениот песимизам. Или, поинаку кажано, не може да се излезе од несаканите состојби, ако фактите претходно не се констатираат онакви какви што се, бидејќи едно е кавки сакаме да ги видиме, друго е какви се.