Што е тоа што го имале проститутката и убиецот, па Христос им простил, а го немале фарисеите кои ги осудувал? Имале искреност а не лажен надворешен живот. Разбојникот на крстот не глумел дека не е убиец и , впрочем, го признал тоа пред Христа.
Проститутката признавала дека е проститутка. Не глумела светица, што би рекол нашиот народ. Значи Христос не го сакал „глумењето“, претварањето, зашто тоа е рамно на лажење. Лицемерот всушност е лажливец. Да се однесуваш така за другите луѓе да добијат впечаток дека си продуховен, а всушност немаш ниту „Д“ од духовност – е лажење.
Па така, немојте да мислие дека Бога можеме да го измамиме со надворешната форма и со мачкање очи. Така само се лажеме себе си за полесно да живееме со својата празнина. Да се запрашаме дали Бог, бара од нас да носиме бројаница или да бидеме добри луѓе, кон другите и себе си?
Пишува: Љупче Петрески


