На денешната прес конференција од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, беа упатени обвинувања до актуелните власти во Штип за постоење на потенцијална опасност од зараза како резултат на огромните количини на ѓубре и смет, кои се присутни на повеќе локации низ општината.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме прес конференцијата на Игор Ефтомов од ВМРО-ДПМНЕ од Штип:
Изгледа СДСМ има нова парола „Штип – нечист град“!
Власта тера кампања за претседателски избори, а купишта смет се трупаат низ поголемите населби во Штип.
Ова позади мене е дивата депонија во месноста Света Недела, каде е очигледно дека ситуацијата е очајна и опасна!
Сметот е распространет на површина од 2000 м2, а количината на истиот секојдневно се зголемува.
За ситуацијата да биде уште поголема закана, во близина на депонијата живеат граѓани во социјален ризик. Постои огромна опасност од појава на зарази, кои се пренесуваат преку инсектите кои гравитираат околу сметот, но и преку глодарите, како што се стаорците кои се хранат од тие места, а подоцна доаѓаат во допир со луѓе.
Властите „спијат“ пред потенцијалната закана, иако секојдневно се зголемува бројот на вработени во локалните претпријатија, кои се надлежни за решавање на овие сериозни проблеми. Општинската инспекција ја нема на терен, а јавноста се згрозува од миризбата и изгледот на градот, кој требаше да биде зелен.
Почитувани сограѓани,
Штип беше една од најчистите општини во нашата држава. Градоначалникот дури ветуваше дека Штип ќе стане зелен град, во кој ќе изобилуваат зелени површини. Истиот тој, сликајќи се со засукани ракави, манипулираше и даваше лажна слика дека се грижи за животната средина. Но, она што сега го гледаме е вистината со која втора година се соочуваме и вознемируваме!