Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево преку социјалните мрежи упатија јавна прозивка кон градоначалникот на Делчево Горан Трајковски кој после 3,5 години апсолутна власт во Делчево, во предизборна година најавува реализација на инфраструктурни проекти.
Од опозицијата во Делчево алармираат дека Градоначалникот Трајковски поради незнаење и неспособност не успеал да реализира низа проекти од неговата програма со која ја добил довербата на граѓаните во Делчево, па наместо тоа реализира проекти од програмата на неговиот противкандидат од локалните избори во 2017 година- кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Иван Соколов.

Ваквата објава на опозициската ВМРО-ДПМНЕ следува по најавата на Градоначалникот Горан Трајковски дека ќе го гради локалниот пат Делчево-с. Тработивиште кој беше еден од позначајните проекти во програмата на Иван Соколов во 2017 и дека ќе ги реконструира улиците “Орце Николов” и “Скопска” во населбата Ново Делчево- проекти кои биле аплицирани за финансирање уште во 2016 година од претходната локална власт.
Целата реакција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ упатена преку фејсбук ја пренесуваме во продолжение:
“Почитуван Градоначалник, излезете барем за момент од удобната канцеларија и функционерската фотелја дебело платена со парите на граѓаните на Делчево.Доста се фалевте со проектите на ВМРО-ДПМНЕ утврдени како приоритети во директна комуникација со граѓаните пред вашето седнување во градоначалничката фотелја…
Она што го гледаме од вас е хаос, неспособност и незнаење во реализацијата дури и на тие препишани проекти, токму заради тоа што ги препишувате од туѓите изборни програми. Г-дине Трајковски и за препишувач треба да ве бидува!
Почитувани граѓани, неспособноста на Горан Трајковски за реализација на неговата сопствена предизборна програма, во последните 3,5 години, доведе до реализација на проекти од програмата на противкандидатот на Горан Трајковски на локалните избори во 2017 година.
Горди сме што Горан Трајковски успеа да реализира барем дел од проектите кои што се наоѓаа во предизборната програма на Иван Соколов.
Некои од тие проекти по “заслуга” на Горан Трајковски и локалната и ццентрална власт предводена од СДСМ беа реализирани со огромно задоцнување, но сепак подобро што ги реализираа некогаш отколку никогаш- вели нашиот народ.
Во текот на вчерашниот ден Горан Трајковски и Благој Бочварски се пофалија дека ќе реализираат три такви инфраструктурни проекти во Делчево превземени од програмата на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Иван Соколов во 2017.
1. Реконструкција на делови од улица “Орце Николов” во населба ново Делчево. Овој проект беше аплициран уште во 2016 година од страна на локалната администрација предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, во МСИП Единицата во министерството за финансии. Блокадите на политичките процеси во државата од СДСМ и неспособноста на Горан Трајковски “овозможија” оваа улица до ден денес да не е реконструирана.
2.Реконструкција на улица “Скопска” во населбата Ново Делчево исто како и улицата “Орце Николов” е аплицирана за финансирање во 2016 година од страна на локалната администрација предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Делчево во МСИП Единицата на Министерството за финансии. Од исти штетни причини чиј што предизвикател беше СДСМ и оваа улица се уште не е реконструирана.Сега Горан Трајковски и Благој Бочварски во 2021 година се фалат дека допрва ќе ги реконструираат овие две улици.
3. Изградба на Локален пат Делчево- с. Тработивиште (стара патна траса) беше еден од позначајните проекти во програмата на кандидатот за градоначалник Иван Соколов во 2017 година. Горан Трајковски со своите незнаење и неспособност да креира свои проекти го препиша и го ветува и овој проект за реализација во наредниот период пред избори
Со своето незнаење и неспособност за реализација на неговата предизборна листа на желби наречени “За живот во Делчево” од 2017 година, Горан Трајковски без основен сенс за потребите и приоритетите на граѓаните во изминатите 3,5 години, како и со овие три проекти прибегнува кон реализација на проектите утврдени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои се дефинирани како приоритети во директната комуникација со граѓаните на Делчево во 2016 година.Но во 2021 година приоритетите на граѓаните на Делчево се драстично менуваат, а Горан Трајковски не може ниту да стигне да ги реализира препишаните приоритети утврдени во 2016 година.
Со седење во канцеларија и евентуално излегување помеѓу граѓаните кога дели хуманитарна помош во надеж за лична себе промоција, Горан Трајковски не може да одговори на потребите на една современа и динамична општина како што треба да биде Делчево.
Затоа општината тоне неповратно, затоа младите заминуваат, затоа пропаѓаат или имаат потешкотии во работењето малите претпријатија во општината во изминатите 3,5 години.
Останаа уште 5-6 месеци од најлошата локална власт предводена од Горан Трајковски до сега во Делчево. Ќе ги издржиме уште малку!”
-стои во реакцијата упатена до јавноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Делчево.


