Над 50-тина земјоделци од атарот на селото Долни Балван се најдоа на удар на милоста на надлежните во А.Д. Водостопанство- Подружница Кочани.
Во тековните горештини земјоделците мака мачат да обезбедат вода за водоснабдување на нивните земјоделски парцели од кои што егзистираат со своите семејства.
Револтот на земјоделците од Карбинци кои се зависни од водоснабдувањето на Водостопанство е огромен поради тоа што (како што соопштуваат) надлежните си поигруваат со нивните судбини пуштајки им вода еден ден за наредниот ден да им ја запрат.
Како што соопштуваат овие жители на Карбинци надлежните власти пред одржувањето на Предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули им ветувале дека ќе обезбедат вода за нивните потреби, но ваквите ветувања се изјаловиле по изборниот резултат кој што го покажале граѓаните на Карбинци каде владеачката партија ги загуби самите избори.
Дополнително нашите извори соопштуваат дека водата од каналскиот систем која се надевале дека ќе ја добијат, била пренасочувана кон општината Лозово за потребите на именуван приватен стопанственик кој што според кажувањата на овие земјоделци бил донатор за кампањата на Коалицијата “Можеме”.
За целосно расчистување на овие тврдења и обвинувања како и целата проблематична ситуација упативме повеќе прашања до надлежните во А.Д. Водостопанство- Подружница Кочани на нивниот службен е-маил. Во очекување на нивниот одговор апелираме надлежните да излезат во пресрет на проблемот кој што го имаат овие земјоделци за надминување на истиот со кој се загрозува животната егзистенција на цели семејства од Карбинци и поширокиот Брегалнички регион.
За ваквата проблематична состојба реагираше и Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Карбинци Виктор Паунов кој што на социјалните мрежи сподели видео во кое што може да се забележи револтот на повеќе земјоделци.


