Во текот на вчерашниот ден во општина Кочани во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2022“ се реализираа повеќе активности.
Во утринските часови во с. Горни Подлог, се организираше поворка со гости од земјава и странство, членови на фолклорни друштва од Балканот, кои со македонска народна песна се упатија кон плодните оризови полиња спремни за жетва.

Со благослови и народна песна зажнејувањето први го започнаа Здружението на пензионери од Кочани. По жетвата беше прикажан обичајот на вршидба, а во продолжение следуваа настапи на домашни и странски фолклорни ансамбли и концерт на Ирена Спасовска.
Традиционалното зажнејување и целодневната програма ја следеа и заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Абдулшуќур Абедини и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски.

Големиот број на гости имаа можност да уживаат во изложбените традиционални ракотворби и традиционална храна подготвена од страна на домаќинките на с. Горни Подлог.
За најуспешен оризопроизводител годинава наградата и припадна на Анета Велкова од с. Грдовци.
