Земјоделските здруженија кои што го организираат предупредувачкиот протест со барање за остварување на своите законски предвидени права за исплата на субвенциите од државата, со свое писмо упатено до претседателот на државата Стево Пендаровски го повикаа да го поддржи нивниот протест на сличен начин како што тој го поддржа маршот на гордоста кој што ЛГБТ активистите го организираа пред неколку денови.
“Поради незаинтересираноста на Владата и Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство за решавање на нашите проблеми како и пробивањето на СИТЕ законски рокови и обврски за исплата на субвенции и ковид пакети од државата кон земјоделците, ние сме доведени во крајно незавидна финансиска ситуација, па оттука цениме дека немаме повеќе партнер за разговор во горенаведените институции, и поради тоа сме приморани да организираме протест на 12 07 2021 пред зградата на општина Прилеп со времетраење од 10 до 12 часот.
Затоа:
Јавно ве покануваме да присуствувате на овој протест од кој директно ќе бидете запознаен за нашите проблеми како и на лошите законски решенија од минатото на дел од кои и вие сте потпишан, како и да ве запознаеме дирекно со негативните ефекти кон земјоделците кои ке ги донесат законските решенија кои се во најава, пред се Законот за зелена такса како и Законот за продажба за државно земјиште пред да ги потпишете.
Освен ваше лично присуство, секоја друга поддршка или немање на одговор од ваша страна на оваа наша јавна покана ние земјоделците ќе добиеме впечаток дека и на Вас како претседател на државата ви е поважна ЛГБТ заедницата, на која вие јавно и со лично присуство и дадовте поддршка отколку ние кои ја храниме цела држава.
Стои во писмото од земјоделците испратено до претседателот Пендаровски потпишано од страна на Жолто тутунско злато, Тутунарска мака, Тутунари земјоделци, Тутунска надеж.


