Веќе втор ден железничкиот сообраќај е во тотален прекин. Ниту еден воз не тргнува и не пристигнува на железничката станица во Скопје. Граѓаните кои секој ден го користат овој вид на превоз се оставени да мрзнат на железничките станици, без никаква информација кога ќе почнат возовите да возат. Ситуацијата во МЖ Транспорт врие! Вработените штрајкуваат и одбиваат да ги возат возовите.
Нашите досегашни предупредувања дека ситуацијата во Македонски железници е катастрофална, се потврдуваат. Не контролираните зголемувања на плати и додатоци само кај одделна група на “подобни“ вработени, предизвикува огромен револт кај останатите. И наместо да се разговара со вработените и да се изнајде заедничко решение за проблемите, раководството на МЖ Транспорт денес објави оглас за нови 32 вработувања.
Фактот што огласот за вработувања е на определено време, сам по себе кажува дека ова не е ништо друго, туку уште еден предизборен потег на власта да си ги згрижи своите партиските кадри. Поради погрешните политики и лошата ситуација во МЖ Транспорт, голем дел од машиновозачите веќе јавно најавуваат заминување од државата, и наместо да се бара да се вработуваат лица од извршен персонал се вработуваат преведувачи, чувари, благајници, хигиеничари итн.
Но, доаѓа времето за одговорност. На 12 април доаѓа нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. За сите катастрофални политики ќе има одговорност, затоа што граѓаните тоа го бараат и тоа го заслужуваат. ВМРО-ДПМНЕ подготвува посебна програма за развој на железниците во Македонија. Ќе ја обновиме железницата и ќе им пружиме на граѓаните пристоен железнички превоз, затоа што тие тоа го заслужуваат.
-соопштение за јавност на Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО – ДПМНЕ