Во овие услови на пандемија само нaјработливите и најкреативните градоначалници во областа на културата успеваат да одржат каква- таква културна понуда за своите граѓани.
Додека повеќето од градоначалниците во Брегалничкиот регион поради безидејност, неспособност и мрзеливост ни на крај памет не им текнува да сработат нешто од областа на културата со што би влеале барем малку живост и разонода во овие пандемиски месеци, Градоначалникот на општина Виница Ивица Димитров, останува достоен на традицијата и со целосно почитување на мерките за заштита на населението од Корона вирусот ја спроведе годинешнава изложба на карикатури во рамки на фестивалот “Ин Виница Веритас” која е традиција за овој град долги години.
Во продолжение го пренесуваме соопштението на Градоначалникот Ивица Димитров во врска со овој настан:
“Во рамките на фестивалот за хумор и сатира “Ин Виница Веритас 2020”, во некое поинакво издание, со ограничен број на посетители, без можност за отварање на изложбата на карикатури како што доликува поради ситуацијата во која се наоѓаме, беа изложени 48 карикатури. Оваа година на овој меѓународен фестивал на објавениот конкурс со наслов “На работ од бездната 2020” учествуваа над 270 учесници со над 500 учеснички карикатури од целиот свет.
Изборот на комисијата која е во состав со Благица Стојановска од Македонија, Наташа Костовска од Македонија, Мехмет Кахраман од Турција, Маријана Иванова од Македонија и Олексеј Кустовски од Украина беше навистина тежок со оглед на тоа што станува збор за врвни карикатуристи. Иако конкуренцијата е голема, изборот едногласно го направија и победничкото место го доделија на Darko Drljevic од Црна Гора, второто место го зазема Ilya Katz од Израел, а третото место Izabela Kowalska – Wicorek од Полска. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот Ивица Димитров кој рече “Со богатиот и разновиден репертоар на културни настани и манифестации во нашата општина последните три години, за кои се одвојува поголема сума на финансиски средства општина Виница заслужено го носи епитетот “Град на културата во истокот за 2019 година”.
Изложбата со 48 карикатури од синоќа е отворена за сите посетители кои редовно ќе го следат репертоарот на театарски претстави кои стартуваа со Давид Илиќ, Надица Петрова, Бобан Алексоски во театарската претстава “Не ми го чепкај пивото!” во режија на Ѓорги Ризески од Театар “Златен Елец” – Скопје.”
-соопшти Градоначалникот на Општина Виница по овој повод.