“ Самопрегледот за детекција на рак на дојка треба да започне од 20-та година, првата мамографија треба да започне после 40-та година, и тоа на секои две години, со континуирани ехо прегледи. Најмладата пациентка со рак на дојка има само 17 години, а во Македонија дневно заболуваат 3-4 жени, или 1200 жени годишно. Карциномот на дојка е втор најчест карцином по број на заболени. Виница, Кочани, Св.Николе се општините во кои оваа болест зема замав последните години,. Но, брзото откривање во првиот стадиум е главен предуслов и за побрзо лекување”
– вели првиот борец од Здружението “Борка“, Биба Додева.
“До 90% постои успешно лекување доколку се открие во ран стадиум, а не значи дека 90 % од сите досега заболени се излекувани. Факт е дека ракот на дојка е во пораст, се повеќе жени заболуваат, секоја 8-9 та жена заболува од рак на дојка, но морталитетот се намалува пред се благодарение на раната детекција и имплементирање на скрининг програмите. Многу е битно за секоја жена да знае да си врши самопреглед и да ги следи сите промени на своето тело заради навремена детекција. Но, пак ќе речам сеуште и покрај целата едукација, свеста кај жените е многу ниска и затоа се појавувавт во подоцен стадиум, од втори и трети стадиум нагоре, па затоа ги интензивираме сите овие предавања, целта ни е откривање во ран стадиум, а инаку во просек за да се развие ракот на дојка потребни се пет години. Она на што сме навистина горди е што после долги години лобирање, периката како помагало заедно со градникот и ортопедската надворешна протеза ќе бидат на товар на фондот. Секоја жена треба да биде прегледана после операција, има критериуми, некои од новите современи терапии се достапни за пациентите преку Фондот“
-додаде Биба Додева.
За дијагностичките методи во детектирањето на првите симптоми на оваа болест зборуваше д-р Драгана Могилевска, специјалист радиолог од Кочани, а за стадиумите и терапијата за оваа болест предавање оддржа д-р Мери Пешевска –онколог од одделот за рак на дојка од Скопје. Предавањето во Виница го организираше координаторот на Борка за Виница, Снежана Секуловска, која најави и отварање на Канцеларија за потребите на пациентките од општината.