Публиката се уште не може да се соземе од вицовите на специјалниот циркус на “Фата и Ката” кој до неодамна беше присутен во градов наш напатен.
Пишував за тоа драги мои напатени граѓани надолго и нашироко…
Па дознавме дека специјалниот циркус и не бил толку специјален, откако претходно мајмуните ги изедоа бананите а џуџињата на раце го изнесоа главниот кловн кој беше комиран од калиумот кој што го содржат бананите во себе.
На целата небиднина, на целата непрокопсаност која се надвисна над овој наш дом во кој што сите ние навидум сме заробени, се чини дека специјалниов театар почнува на некому да му недостига. Па така менаџерите кои дебело профитираа од наплатата на билетите во циркусот, бараат нов начин за спас на нивниот “купи ден- продај” бизнис. По примерот на некои холивудски акциски филмови кои создаваат причина за губење време и замајување на публиката од нивните секојдневни проблеми, наголемо гледаме обиди за инсталација на нова забава за народот.
Па кој е тој Чарли бре? Па и ангели што има? Дали тоа се мисли дека Чарли е умрен, па сега на помош се викаат Чарлиевите ангели?
Зградата ја има, а столчињата кои некогаш се малкубројни за да ја соберат целата екипа, стојат.
Во зградата која што требаше да има звучна изолација за да можат актерите да зборуваат за право и правда во своите улоги, дознавме дека во ѕидовите имала инсталирано уши, навидум звучни хорни, па наместо документаристика на големото платно почна да се проектира уште етна сапунска опера.
Менаџерите поскокаа како продавачи на пуканки пред оваа зграда за да ја продадат оваа сапуница за што е можно повеќе публика.
Па на оваа домашна продукција со цел да личи на нешто свеЦко и’ дадоа ново име:
Филма продакшн!
Премиерата почна со воведната реч на нараторот кој ќе го води дејствието на серијата во наредниот период. Веднаш потоа за споредниот актер како зомби во очите под дејство на седативи, кој што едвај можеше да гледа во камерите, дознаваме дека некој го мести… Слика има- тон нема, ама глумата перфектна!
Ајде мајката! (Што би рекол еден наш познат мислител)…
И види случајност- какво изненадување, дами и господа. И во овој филм главен актер да ти биде кловнот од специјалниот циркус на “Фата и Ката”.
Се чини менаџерите не се откажуваат од актерите кои како златни кокошки им носат пари од публиката.
Рекламата е поставена, пропагандата за оваа нова сапуница видовме дека вчера започна, па очекуваме да видиме колку публика ќе се налепи на оваа нова естрада во градот. Филма продакшн е пуштена на најјако. Од истите тие менаџери во градот кој до неодамна беше долго време засмејуван од специјалниот циркус кој веќе го нема.
Или што би рекол повторно овој наш голем мислител од погоре:
Циркусот замина- Филма стоо!
Пишува: Дедо Ѓорѓија
Името на авторот на овој текст е познато на редакцијата


