Денеска на прес конференција Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски ја стави партијата и целокупните капацитети на располагање на граѓаните за сите можни потреби со цел за поефикасно справување со пожарите ширум државата.
Тој прстот на одговорноста го впери кон властите кои што откако прогласија кризна состојба заминаа на годишни одмори, оставајки го народот да се справува голорак со огнените стихии.
“Македонија се соочува со огромна катастрофа. Пожарите загрозуваат села и градови, загрозуваат животи и имот на граѓаните, уништија илјадници хектари шуми, а власта никаде ја нема.
Македонија гори, тие прогласија кризна состојба и ги снема.
-Го оставија народот сам на себе. Граѓани со лопати и кофи гасат пожари, мака мачи да си го заштити животот и имотот, да ја спаси Македонија, кој со што може и има. Неспособноста и неодговорноста на власта се гледа на секој чекор. Едноставно затаи системот на заштита, бидејќи доколку имаше навремена системска реакција, пожарите немаше да ескалираат. И три дена нема ни трага ни глас од Заев. Тој е првоодговорен за состојбите. Не може неговиот одмор да биде поважен од животот на граѓаните. Тој и сите функционери се платени од парите на граѓаните, истите оние кои што сега се борат за жживот и молат за помош. Особено вие од Пехчево, Кочани, Кумановско, Прилепско и секаде онаму кај што се соочувате со катаклизмичките огнени стихии кои ги голтаа вашите ниви, шуми, пасишта, фарми, куќи и други добра, наша и ваша обврска како граѓани во отсуство на власт е самите да си помогнеме и да им помогнеме на пожарникарите од другите земји кои дојдоа да ги гасат пожарите.
Партијата целосно е посветена и се става на располагање пред потребите на граѓаните, на пожарникарите, на располагање на сите институции, за се што е потребно. Не е време за политиканство.
Додека власта е на одмор, додека Македонија гори, народот и пожарникарите се хероите коишто ќе ја спасат оваа држава.”
-соопшти Владо Мисајловски на прес конференцијата од партиското седиште.


