„Едукативен центар за безбедности здравје при работа во Источен плански регион“ е насловен проектот кој Регионалниот центар за застапување од Делчево го стартуваше на почетокот од 2019 година како продолжение на минатогодишниот проект од истата област кој успешно беше спроведен во регионот на крајниот исток, а кој се однесуваше на промовирање стандарди за безбедност и здравје при работа. Денес во рамки на проектните активности стартуваше дводневна работилница наменета за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации од Делчево во делот на организациска проценка.
Присутните денес имаа можност да се запознаат со самиот проект и да добијат вовед во работилницата, додека утре на вториот ден од обуката ќе имат можност да ги поминат чекорите во процесот на самопроценка и да се запознаат со инструментите и матрицата за самопроценка на организациските капацитети.
Проектот кој ќе се реализира во период од 8 месеци ќе биде поделен во три фази. Првата фаза е комплетно наменета за работилници за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации во делот на организациска самопроценка, управување со човечки ресурси и финансиско работење додека втората фаза е наменета за активности поврзани со формирање на мрежа на граѓански организации кои дел од својата работа ќе ја насочат кон промовирања и залагања во областа безбедност и здравје при работа што ќе биде регулирано со меморандум за воспоставување мрежа и акциски план врз основа на кој ќе се одвива работењето на мрежата.
Третата фаза од проектот ќе се одвива паралелно со првите две и ќе се однесува на формирање центар за БЗР за источен плански регион кој на едно место ќе ги координира сите заинтересирани страни кои директно или индиректно се вклучени во активности за безбедност и здравје при работа . Како целни групи ќе бидат опфатени граѓанските организации, бизнис секторот, стручната јавност и медиумите од источно планскиот регион.
Со реализацијата на овој проект РЦЗ се етаблира како водечка организација во делот на БЗР во регионот бидејќи со сите досегашни активности кои се преземени, организацијата се наметнува како партнер на сите чинители од оваа област вклучувајќи ги и медиумите за подигнување на јавната свест.
Проектот е финансиран од Европската Унија, во соработка со Македонското здружение за заштита при работа.