Целта на состанокот на Градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски, со претставници од општина Борнова-Измир (Турција), беше развојот на културната меѓусебна соработка помеѓу двете општини.
На состанокот присуствуваа директорот и претставници од Домот на култура “ Димитар Беровски ”- Берово.
Средбата се одржа во кабинетот на градоначалникот Пекевски при што турската делегација ја искажала својата цел на посетата и истакнала дека во Општина Борнова, како една од повеќето општини во Измир се одржува меѓународен фолклорен фестивал на кој учествуваат културно уметнички друштва од многу земји од светот. Со тоа ја изразија својата подготвеност за да се развие соработка и со КУД “Димитар Беровски“ од Берово кој би можел да биде дел од овогодинешниот фестивал кој се одржува во октомври.
Интересен и значаен дел од средбата бил моментот кога претставниците од Борнова, меѓу кои имало и член на Советот на Општина Борнова, истакнал и дека и самите се дел од Турското население повратници од Македонија, и тоа голем дел од населението во Измир, и за нив ќе претставува особено задоволство да ја презентираат Македонската култура преку настапот на КУД “Димитар Беровски“ од Берово.
“Средбата којашто ја имавме со претставниците од Општина Борнова претставува една исклучителна можност за културен развој и размена помеѓу двете општини и секако ова е можност за презентација на самата наша општина преку нашите амбасадори, членовите на КУД “Димитар Беровски“ кои го презентираат нашето културно наследство во сферата на фолклорот, кои изведуваат исклучително квалитетни кореографии на песни и ора карактеристични за нашиот крај“
– истакнал градоначалникот Пекевски.
Општината Борнова од Измир-Турција е збратимена општина на Општината Делчево од Република МАкедонија, во чии што рамки на соработка повеќе години досега е остварена богата културна и спортска соработка. При мноштвото од реализирани посети и размена на делегации во досегашната соработка не е направен некој особен успех на полето на економската соработка што секако во иднина ќе претставува своевиден предизвик за Делчево и Берово од Македонска страна и Борнова и останатите општини (Газиемир-особено) од Турска страна.