Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 октомври.
Денеска е Преподобна Параскева-Петковден.
Во народот позната како света Петка. Неа и е посветена црквата во долниот дел на скопската населба Црниче. Била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и биле имотни и побожни христијани. Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизавала во пост и молитва до својата старост. Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години. Се успокоила во Господа во единаесеттиот век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во Романија, во градот Јаши.
Препоподобна Мајка Параскева (Петковден)
Преподобна мајка и чудотворка Параскева
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 /14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.
Првата света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка. Се празнува на 26 јули /8 август и меѓу народот е позната како летна Света Петка. Во нејзиното житие се вели дека нејзините родители биле Римјани и дека и дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви кон Бога. Рано се замонашила а подоцна како и многумина други настрадала за верата Христова за време на царувањето на Антонин. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, но кога била фрлена во котел со врело масло и катран таа останалаа неповредена, а од течноста му прснало во очите на императорот по што ослепел. Параскева се помолила на Бога и тој оздравел. Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале со нејзино посредство, многумина ја примиле христијанската вера. Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите ѝ биле пренесени во Цариград. На иконите света Петка Римјанка во рацете држи чинија во која има очи.
Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. И таа била единствено дете на своите родители поради што со големо внимание и љубов била воспитувана во христијанската вера. Параскева била уште малечка кога починале нејзините родители, а таа нивниот имот го користела за помагање на сиромашните, болните, странците и сл. При големите прогони на христијаните што се случиле во времето на Диоклецијан настрадала и таа. Била фатена во 303 година и била предадена на судијата. Тој пак, изненаден од нејзината убавина, ѝ понудил да стане негова невеста и ѝ ветувал богат и раскошен живот. Таа го одбила сето тоа изјавувајќи дека сака да остане верна на својот Бог, Исус Христос. Поради тоа била мачена, била ставена во оган но останала недопрена од пламените јазици кои ги зафатиле оние што го потсилувале огнот. Гледајќи го тоа судијата наредил да ѝ ја пресечат главата. Следниот ден и судијата загинал што било толкувано како Божја казна за погубувањето на Параскева. Нејзините останки христијаните ги погребале во нејзиниот дом, а над гробот подоцна се случувале разни чуда, пред сè, оздравување на болни од секакви болести. Нејзиниот спомен се слави на 10 ноември/28 октомври.
Најпозната е Параскева-Петка позната како Св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват, во Тракија, меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите ѝ биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.
Кога ѝ умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.
Кога остарела ангелот Божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто како што си мислеле, ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.
Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија, му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгие, зошто го презревте телото на преподобната Праскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место, зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја“. Тогаш и светицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото ѝ се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.
Подоцна телото на преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрвин бугарскиот цар Јован Асен во 1238 година измолил телото на Преподобна Параскева Петка да биде пренесено во Трново. Тука телото останало подолго време поради што таа се вика и Трновска. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт, во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да ѝ дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград, каде што се прославиле не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш каде што почиваат и денес.
Во спомен на Преподобната Параскева Петка Трновска, Светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27 /14 октомври и што во народот е познат како Петковден. Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се Митровден, Св. Ѓорѓија, Аранѓел, Св. Никола и др.
Народот во некои случаи не ги разликува трите Параскеви ‒ Петки туку најчесто ги идентификува со една Петка најчесто со света Петка Трновска но ликот на овие светици го почитува и празнува достоинствено со домашни служби и со големи собири и панаѓури,
Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во с. Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите. Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Е. Спространов пишува дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.
Особено култот кон Света Петка бил раширен во Мариово, како што стои во записите на Крсто Бинев. Во овој крај петокот се празнува повеќе од неделата онака како што Евреите ја празнувале саботата. Тоа празнување, вели запишувачот, не е во чест на воспеаната од светата ни црква светица Петка која се празнува еднаш во годината, имено на 14 октомври, која селаните ја разликуваат од нивната св. Петка, ами по некој стар обичај останат којзнае од кога и којзнае зашто. Населението за света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот ‒ вели запишувачот на овие верувања.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.
Света Петка низ рај шета
Света Петка низ рај шета,
ми ги фати двете раце,
Света Петка по рај шета,
ми ги фати двете нозе.
Света Петка по рај шета,
ми ги ослепе двете очи.
Па ме фати за десна рака,
ме одведе посветена црква,
ми ги пушти мене двете раци.
Ме одведе посветен манастир,
ми ги пушти двете нози.
Ме одведе на посветен камен,
Ми ја пушти мојата сила.
Ме одведе посветена вода,
Ми ги изми двете очи.
Народна песна.