Во врска со информациите во јавност дека директори на училиштa вршат притисок кон учениците да не излегуваат на денешниот протест за почиста животна средина, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Димовски со своја реакција во јавност го осуди ваквото однесување на официјалните лица во училиштата и власта.
Тој угушувањето на слободното изразување на незадоволството на младите кои се организираат за влијание да се реши горливиот проблем со загадениот воздух го оквалификува како сериозен општествен проблем кој е недозволив.
Во продолжение во целост ја пренесуваме неговата лична реакција упатена до јавноста:
“Задушувањето на слободното изразување на незадоволството на младите, особено кога се оргaнизирале за еден сериозен општествен проблем кој не засега сите до еден – загадениот воздух, е недозволиво. Во таква ситуација, нормално е и професорите и директорите на училиштата, барем да застанат заедно со своите ученици, а не да им пишуваат неоправдани изостаноци и да ги фотографираат, па потоа да ги заокружуваат.
Не смее да се задушува прогресивната мисла.
Не смее од младината да се создаваат слепи послушници и хибриди.
Прогресивна младина е единствениот гарант за прогресивна иднина на државата.
Ако не им се придружувате, барем оставете ги да го искажат својот став, да го искажат оправданиот револт од катастрофата која трае веќе со години и се зголемува. За разлика од возрасните, кои генерално проблемот со загадениот воздух го коментираат додека го пијат кафето со колегите или пријателите и се жалат како не се дише, оваа млада генерација прави исчекор и гласно кажува дека не сака да диша смртоносен воздух.
Јас им давам целосна поддршка, не како почитичар, туку како човек и родител на две деца, кои го дишаат истиот отров. Овој проблем е пресериозен и не смее са заврши “под тепих”. “



