Во Општина Кочани живеат граѓани кои заслужуваат да продолжат да живеат во општина во која има економски развој, станува убава и модерна и се стреми да ги задоволи апетитите на секој жител, без разлика дали е од урбаниот или руралниот дел, порача кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски.
Граѓаните на Кочани заслужуваат искреност од кандидатите за градоначалници. Ние како ВМРО–ДПМНЕ имаме конкретни планови и конкретни проекти кои директно влијаат на подобрување на животот на граѓаните на општината. А со нашето искуство имаме точен увид во потребите на граѓаните во општината, за што имаме изработени проекти со точни и прецизни податоци.
Јас како градоначалник заедно со Советот на општина Кочани во изминатиот мандат покажавме дека Кочани може да биде подобро место за живеење, дека Кочани заслужува да добие шанса за да ги подобри условите за живеење на кочанци. Ветувањата од претходните програми можете да ги проверите во отчетите кои ви ги даваме со цел да нè проверите и да се убедите дека ние сме луѓе – ваши сограѓани кои се држат до дадениот збор.
Дел од позначајните планирани проекти од програмата се: Изградба на пречистителна станица за отпадните води во општина Кочани. Изградба на брана „Речани“ на Оризарска Река. Изградба на експресен пат Штип – Кочани. Изградба на два кружни тека, едниот на западниот дел на општината, кој ќе биде и приклучок кон новиот Експресен пат. Развој на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ и изградба на водоводна и канализациска мрежа. Планирано е и понатаму да се инвестира во проширување на капацитетите во детските градинки. За развој на масовниот спорт и на спортот за сите, најдобар начин да се создадат услови е преку изградба на повеќенаменски игралишта. Реновирање на градскиот стадион „Никола Мантов“. Започната е целосна реконструкција на општинската зграда. Изградба на катна гаража. Во централното градското подрачје кај поштенската зграда ќе се изгради катна гаража во која би се паркирале одреден број возила.
Продолжуваме со асфалтирање на голем број нови улици во градот и населените места.
Програмата што ја нудиме е реална, остварлива и бара напорна работа и голема посветеност. Нудиме просперитет, сигурност и можност за општина Кочани да продолжи по патот на развојот. И знајте, со нас сте на чисто, секогаш имате можност да нè проверите затоа што она што го ветуваме и го реализираме. Секогаш работа – секогаш Македонија, кон нови предизвици на 15 октомври излезете масовно, гласајте за реден број 13 за да ја отпочнеме новата ера на Кочани, рече Димитровски.