Добрила Грашевска , жена со многу едноставна харизма, и толку блиска со публиката, овојпат ги воодушеви виничани. Кога публиката ќе ја кренеш на нозе, и ќе ја натераш да те следи во секој стих, и ќе те враќа повторно и повторно на сцена, е тогаш докажуваш дека си прав уметник во својата област. А тоа Добрила го докажа и во Виница.
Некогаш скомноста е она што ја воодушевува јавноста, она што ги плени срцата на оние кои те гледаат и те слушаат, и токму таа скромност во комбинација со глас кој е вроден дар и кој не се учи, е она што остави впечаток кај виничката публика која настанот ќе го коментира долго и тоа во позитивна смисла.

Групата Чалгија Саунд Систем создаде еден творечки незаборавен миг каде целата публика заедно со сите изведувачи се чувствуваа како една голема единствена целина полна со позитивни енергии што имаа потреба да ја пренесат на сите.
Чалгија Саунд Систем е бенд кој функционира десет години, се занимава со македонската чалгија, како и самото име. Нивниот втор албум “Тихувај“ е во продажба , кој е со авторски текстови, аранжмани, а првиот е албум само со чалгиски ора.
“ Настапуваме секаде, со концерти, но и на големи фестивали во Македонија и надвор од неа. А Виница ја има една од најдобрите публики која го следеше нашиот настап, беше интерактивна во целата музичка продукција“, рече Грашевска после концертот.
Концертот на Чалгии Саунд Систем беше во организација на Домот на културата “Тошо Арсов“ и општина Виница како дел од Програмата во одбележување на Павловден.
