Групата “Сакам планинарење- Македонија” реализираше планинарски марш поделен на две марш-рути во кои планинарите ги посетија Салаковските езера како и врвот “Убава” на планината Јакупица во централна Македонија.
Во продолжение го пренесуваме извештајот напишан од страна на Сандра Темелковска објавен на фејсбук страната на оваа група планинари:
“Близу до градот, а сепак далеку и длабоко во природата бевме да ги уживаме ако не повеќе барем на неколку часа убавините на она што ни го пружи нашата Јакупица, нејзините Салаковски езера и врвот не за џабе наречен Убава. Во раните утрински часа се упативме кон селото Црн Врв кое беше наша стартна точка. Уште на самиот старт се поделвме во две групи, една кои ќе го уживаат врвот Убава и она што ги копкаше да видат зошто е убава, а другите до Салаковски езера, љубители на хедонизмот.
По патно се движевме по колски пат низ преубавата богата шума која и те како ни ги покажа нејзините бои, боите на есента, додека пак Убава и Салаковски езера мирисот на зимата. Не ретките стада од овци и коњи ни правеа друштво овој пат, кои придонесоа сликата за планината да биде навистина Убава како и самиот врв. Првата група која што го посети врвот Убава и за кој беа таму да видат колку е убав, иако низ магла го качија не успеаа да ја доловат неговата Убавина, па така си ветија дека кога ќе сака планината во некое подобро сончево време повторно ќе го посетат. И на Салаковски езера, маглата ни беше другарче кое не ги дружеше де ќе се поместеше. Есента полека си ги покажуваше забите и не подготвуваше за тоа што ни следува, Зимата, и брзо не избрка назад кон нашата крајна цел, с.Црн Врв.
Заедно, еден по еден во колона ко мравки, насмеани и среќни се упативме по густата магла по нашиот пат. Насмеани лица уште еднаш докажаа дека ниту една друга активност не ја комбинира љубовта кон природата и вежбањето толку хармонично како планинарењето. Тоа им дава на луѓето мир и виталност, овозможувајќи да се исклучат од секојдневието, да сонуваат, да размислуваат и да се релаксираат на сосема поинаков начин.
Најголем дел од фотографиите се на Сандра Цветковска и Моника Тодевска, а останатите се на Петар, Анета, Емилија, Војниче, Јоро. За текстот се потруди Сандра Темковска.
До следно видување и следна тура.”