Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип изнесоа редица на обвинувања во врска со политиките на актуелната апсолутна власт која што ја практикува СДСМ во овој центар на Источниот (Брегалнички) регион во Македонија.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме во целост прес конференцијата на Иван Јорданов- претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Штип:
Ако во 2014 година Financial times го прогласи Штип за најрентабилен микро град во Европа, во 2019 ние може да го прогласиме за град кој стагнира.
Ако од 2013 до 2017 година Штип беше претворен во градилиште, во 2019 година во општината гради само семејството на градоначалникот.
Општина Штип доживуваше експанизија на секое поле и растеше во секој поглед. Откако СДСМ дојде на власт, градот потона во самодеструкција. Штип ни оддалеку не наликува на студентскиот град во кој вриеше од млади луѓе. Инвестицискиот рај за странските компании во кои работат работници и од соседните градови, веќе две години нема ниту една инвестиција со која би се забрзал економскиот раст и развој на општината. Во ТИР зоната има нула странски инвестиции после 2017 година. Компаниите не наидуваат на добра клима за инвестирање во Штип, па затоа веќе не ја гледаат својата иднина во нашиот град. Клиничката болница која требаше да биде завршена уште во 2018 година, остана карабина која гласно зборува за неспособноста на власта. А автопатот Штип-Миладиновци веќе неколку години „само што не е пуштен“ во употреба.
Градоначалникот во предизборието ветуваше младинска гаранција и вработување на секој студент после завршување на образованието, меѓутоа за тоа веќе нема ни најава дека ќе се случи. Младите масовно се иселуваат од нивниот роден град, затоа што овде не гледаат перспектива за нивната иднина. Како резултат на лошото менаџирање на општината, Штип стана најнеразвиениот град во Источна Македонија.
Почитувани,
СДСМ не знае како да практикува власт. Нивното неработење и негрижа за народот од национално се мултиплицира на локално ниво. Безидејноста за нови проекти и неспособноста да ги завршат веќе почнатите е на сметка на граѓаните. Тие се жртва на оваа хунта која нема принципи и критериуми за работа, туку само деградира воспоставени пракси, го осиромашува населението и го отежнува животот на секој граѓанин на нашиот град.