Повеќе пати досега пишував дека немам никаква почит кон луѓе кои јавно и насекаде, дури и каде што не е потребно и тоа не го бара никој од нив, го употребуваат ова одвратно и насилно наметнато име на нашата држава. Исто така, истакнав дека имам некакво разбирање и сожалување само спрема оние кои се уценети и присилени на некаков начин, оние кои за жал имаат некакви пречки во развојот и неможат правилно да расудуваат и спрема оние кои немаат што да јадат и да облечат, па на овој начин се обидуваат да опстанат. За другите оправдување нема.
Иако веројатно на многумина им досадувам со ова мое постојано повторување на темата: ,,Промена на името,, чуствувам дека морам да се навраќам на истата постојано бидејќи едноставно сум преокупиран со тоа, што поради медиумското бомбардирање со оваа работа, што поради мојот ум кој после насилната промена на уставното име е ,,заматен,, и оптеретен по ова прашање.
Во претходната колумна со ист наслов која ја напишав пред неколку месеци дадов свои видувања како сметам дека треба да се постапува со употребата на името на државата, а притоа да не си наштетиме себе си, на нашите блиски и секако на земјата. Го дадов како предлог она што јас го правам во случај кога е невозможно да се избегне употребата на името:
-До зборот Северна додавам *, а најдоле од страницата во фуснота со ситни букви објаснувам:
На пример: До Врховниот суд на Република Северна* итн.
*Овој збор во името на мојата земја е додаден спротивно на Устав и волјата на нејзините граѓани, а јас како изработувач на овој документ не го прифаќам и сум принуден насила да го користам единствено само како професионалец и заради правна сигурност, бидејќи неможам да си дозволам поднесокот да ми биде отфрлен поради неуредност, а и не сум во можност да ги сносам трошоците кои би произлегле од тоа.
Фуснота со ваква содржина можеме да употребуваме и на секое барање или документ кој ќе ни биде издаден, верувајте дека никаде нема да смеат да ве вратат или одбијат. На тој начин масовно ќе им покажеме што мислиме за сето ова што насила ни го прават.
Изразив желба и уверување дека очекувам многумина да се придружат во изнаоѓањето на нови идеи и креативни решенија се додека не се создадат услови сите неуставни одлуки да бидат поништени, а склучените договори кои не доведоа во состојба на потчинетост, не бидат еднострано раскинати. Предложив и бојкотирање на македонски производи на кои во домашните маркети производителот ни го нуди со етикета на која е ова наметнато име. Уште еднаш напоменувам дека тоа ќе биде мачна и долготрајна постапка, но со поддршка од нас граѓаните и со смена на власта таа ќе биде реално изводлива.
Во меѓувреме се формираше техничката влада кој е задолжена да ги спроведе изборите и во неа влегоа миниистри и заменици министри предложенни од ВМРО-ДПМНЕ. За очекување беше дека тие во своето делување ќе си го употребуваат името Република Македонија, а не ова новото наметнато насила со неуставна промена на Уставот на РМ. Гледам дека во изминатиов период, а особено деновиве ,,северџанските,, измеќари говорат како е наше право да си се нарекуваме како сакаме, ама во тој случај не треба да учествуваме во институциите на системот и да не примаме плата од ,,северџански,, буџет.
-Јааааа мајката. Знам. Па вие постојано само за тоа сонувате, тоа ви е најголемата животна желба. Само така можете да бидете на власт и тоа долгорочно. Вие незнаете да победите во витешка борба и на терен, туку само на ,,зелена маса,, сте навикнати да добивате власт и се останато што доаѓа со неа. Сте се зезнале овој пат. И ова го повторувам многу пати досега, додека на сите што се против ова што го направивте со земјава не им влезе во главата.
Секаде ќе учествуваме, ќе се потпишуваме и колнеме на зафрканција исто како вие што направивте за да дојдете на власт и да ја разнебитите Татковината.
Разликата ќе биде само во тоа што, ние откако ќе ве прегазиме на изборите ќе започнеме со обнова на Македонија и со поправање на сето она што безмилосно и во хунташки стил го урнисавте во изминативе три години.
Гледам и овој ,,Техничкиов,, многу се засекирал од употребата на табла со името Македонија, па дава предлог да се разреши министерката Рашела Мизрахи поради кршење на Устав и Закон. Немало за него компромис кога тие се прекршуваат. Аман бре, уставо-бранителу голем, почитувачу на законите белосветски. Е од кога море ти толку стана чувар и бранител на Устав и Закон? Дали можеби кога на неуставен начин му беше доделен мандатот на твојот лидер, или кога Таљат го биравте за Претседател на Собранието на РМ со 57 гласа, а вие половина од пратиниците бевте со ,,све четири у вис,,? Или можеби кога менувавте Устав со 2/3 од пратениците, а не со 2/3 мнозинство (прашајте некој добар математичар да ви објасни на што мислам, доколку не ви е јасно!)? Или можеби кога штанцате закони по скратена постапка и со ЕУ знаменце? Имаше ли копромис со правото и правдата кога ,,пајакот,, тепаше полицајци кај Мавровка, или кога ви бегаа затвореници од затворите? Бескомпромисно ли ослободивте убијци, лопови, бандити и битанги од затворите за сега секој втор ден да има убиства, тепачки, запалени коли, ограбени банки? Загадувањето законско ли е сега? Маски носите ли? Крај нема ако продолжам да набројувам за вашата бескомпромисност кога е во прашање гола власт и лична корист. Во моментов додека пишувам незнам сеуште што ќе се случи со предлогот за разрешување на Мизрахи и со законот за ЈО кој упорно се обидуваат да го протуркаат на шверцерски начин, ама сум сигурен дека сето тоа го прават за да добијат реакција од ВМРО-ДПМНЕ која само ним ќе им одговара, со што ќе им се овозможи да ги одложат веќе договорените прредвремени избори.
Мора да се одигра мудро! Верувам дека раководството и претседателот Мицкоски ќе постапат така и нема да им го овозможат ова задоволство на Заев и неговата хунта.
Оваа насилна употреба на северџанското име и инсистирање тоа да биде секаде и во голема количина е веќе излитена работа. Тоа голем дел и од нивните поддржувачи веќе не го спомнуваат. Дури и Пендаровски пред некој ден во Собранието при ратификување на Протоколот за НАТО спомна само Македонија и ниту еднаш северна. Загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ не била искрена во желбата и заложбите за влез во НАТО, поради тоа што пратениците и Мицкоски не аплаудирале при изгласувањето, искажаа многу перјаници на власта. А што требаше да направат? Да фатат од радост оро да заиграат во Парламентот, чочек да удрат како вие пред тунелот? Да аплаудираат без престан додека не им отпаднат дланките и да викаат ,,северна,,? Или можеби требаше како ,,зависно-независните,, пратеници да се искаже гордост со тоа што придонеле да се смени Уставот на РМ, ама не заради идеологијата, туку за да си ги остварат соспвените амбиции и да да си се спасат себе си и најблиските од некаков прогон во најава? Каде ви е достоинството бре, безрбетници едни? Поддршката за евро-атланските интеграции ние од ВМРО-ДПМНЕ сме ја докажале безброј пати, уште многу пред вашите поддржувачи да ја палат американската амбасада во Скопје и додека вие сеуште се колневте во една друга земја која одамна не постои.
Ние јасно кажавме дека успехот и радоста заради остварување на одамна зацртаните цели во нашата програма, за жал, поради насилната промена на името имаат горчлив вкус. Ова е пиров успех поради кој долго време сите ние ќе трпиме последици, иако не спорам со тоа дека веројатно државата ќе има и одреден бенефит од членувањето во НАТО. Ваквиот пиров успех беше доволно да се поздрави мирно, со молчење и наведнати глави (како што постапија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски) со што на меѓународниот фактор ќе му се покаже дека имаме за што да се срамиме, и тие и ние, и дека не сме пресреќни со сето ова што ни се случуваше на нас и на земјава за да дојдеме до ова членство.
Нема повеќе никаква потреба од папагалско повторување и употреба на ова наметнато име, тоа никогаш нема да биде прифатено од граѓаните и во тоа секој ден се повеќе се убедувам. Оваа власт која бара такво нешто со сигурност и заминува на 12 Април и во ваков формат и со овие лице повеќе нема да се врати. Дури и оние кои сега поради одредена причина неволно го употребуваат за многу скоро време ќе се срамат од тоа и ќе престанат со употребата затоа што тоа е неприродно и никогаш нема да заживее. Ние Македонците упорно ќе се бориме за враќање на уставното име и сигурен сум дека во тоа ќе успееме и целиот Свет еден ден ќе го признае. Нашите генерации можеби нема да го доживеат тоа, но некои наредни, тоа е сигурно, гордо ќе се кажуваат дека се од Република Македонија. Оваа грозна ,,северна,, епизода ќе биде само едно мрачно сеќавање и поука за тоа како не треба да се однесуваме со најголемата светост за секој човек.
Затоа почитувани да продолжиме да им мокриме на името што ни го ставија насилно и против уставно во што е можно поголем број и количина, за да почнат конечно да размислуваат со главите, но и да ја натераме следната власт сериозно да се зафати со решавањето на ова прашање кое непотребно ни е наметнато, особено за внатрешна употреба. Овој процес едноставно мора да се ресетира и да почне од почеток со ум и разум.
Пишува: Кирил Ковчегарски,
Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ