На вечерашниот мирен собир на неговите другари верните Комити и голем број на граѓани пред Македонскиот парламент, при што се палеа свеќи во знак на помен и со молитва за прерано згаснатиот младешки живот, беше присутна траорна, мачна и монументално тажна атмосфера.
Слики, плакати, знамиња со насмеаниот лик на Саздо, по некој симбол на навивачката група Комити, Сонцето од Кутлеш, многу солзи, помодрени од гризање-усни, грутка во градите и горчина на душите…
Вака само може да се опише атмосферата која се надвисна над Македонија со насилната смрт на Никола Саздовски.
Таму негде помеѓу присутните се појави и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ придружуван од поранешниот и сегашниот Претседатели на партиските подмладоци, кој се прекрсти, запали свеќа за помен и упати кон небото тивка молитва за слава на душата на младиот Саздо…
Тој од себе го соблече својот дрес на Вардар и го положи пред она што наликуваше на мало светилиште кое граѓаните и неговите другари го кренаа за Саздо…
Ова е трагедија која не смее да биде заборавена ниту никогаш повторена.