Заменик-министерот за здравство Асим Муса, поднесе оставка, заради наводно земање поткуп за да направи операција. Во своја одбрана рекол дека некои расипани „му наместиле стапица“, или, со други зборови, од некои неранимајковци бил „наведен“ да земе или побара, наводно, поткуп.
И што е тука чудно? Чекајте бре луѓе и вие ОЈО-ци! Зарем веднаш треба да го расчеречите за „наводни“ 50 евра. Не е фер. Јавноста претерува. Згора на тоа, човекот е кадар на ДУИ, а во нивните редови, нема криминал, нели?
Најважно е што човекот е „наведен“ да земе поткуп, и јас му верувам.
И ова не е единствен случај, некој да биде „наведен“ или „наместен“ да земе или побара мито. Тоа му се случи и на премиерот Заев, а човекот е докажан по својата чесност и, особено, по својот збор. И сите, па и судиите, му поверуваа дека бил „наведен“. Па сега, зошто не би му верувале на Асим Муса дека бил „наместен“.
Убеден сум дека и Боки 13 бил „наместен“ или „наведен“ да рекетира!
Впрочем, секој еден што се обидел да зема мито или рекетирал, можеби е „наведен“ зашто веќе неколку години се слушаат муабети дека во државава има некои неранимајковци што „наведуваат“ на земање мито и, кога можеа еден премиер да „наведат“ да побара мито, зошто да не можат да „наведат“ било кој.
Пишува: Љупче Петрески