При подготовките на планот и програмата за референдумската кампања, ќе се оди според Законот за референдум, изјави денеска владиниот портпарол Хоџа. Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.
Според тоа што во изминативе денови го пишуваа медиумите, Референдумот околу Договорот за името ќе чини 3.5 милиони евра. Средствата за референдумот ќе бидат покриени од државниот буџет, но ќе се прави прераспределба на средствата од министерствата.
Владата ги задолжила сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.
– Со кампањата ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во НАТО и Европската унија, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него. Секое министерство и институција од своите буџети ќе треба да кажат колку пари можат да се пренаменат за кампањата за референдумот. Тоа ќе биде од одредени заштеди од репрезентации или од други ставки. Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени, потврдои денеска Хоџа.
Како што објавија медиумите минатата недела, најголема прераспеделба на средствата ќе има во Министерство за финансии каде од ставката Разни трансфери ќе се одвојат 60.000.000 денари.
Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ, од ставката Други градежни објекти, ќе се издвојат 20.000.000 денари. Истата сума ќе биде прераспределена и од Министерство за транспорт и врски, со пари претходно наменети за Жичарата.
Министерство за труд и социјална политика ќе крати од трансфери наменети за минимална плата во висина од 10.000.000 денари. Пари ќе бидат пренаменети и од средствата наменети за Големата концертна сала за Македонската филхармонија, во висина од 8.000.000 денари. Од Министерство за здравство од потпрограма Изградба на ПЕТ Центар, од ставката во делот за Купување на опрема и машини ќе се намали за 10.000.000 денари.
Од Министерство за образование и наука од програмата за Преведување и печатење на стручна литература, од ставката Договорни услуги, ќе се пренаменат 5.000.000 денари, а исто толку ќе се намалат и средствата за договорни услуги за Проектот за превод на книги од реномирани автори.
Превземено од Република.