Поранешниот Премиер на Република Македонија Никола Груевски денеска преку социјалните мрежи упати своја порака по повод смртта на еден од позначајните личности кои што оставија свој белег и учинок како во постоењето и работата на ВМРО-ДПМНЕ, така и на Република Македонија во целост.
“Ѓорги Наумов пркосен и харизматичен човек со слободен ум, директен во настапот, голем патриот, правен експерт, поранешен обвинител, сведок на многу историски настани, беше првиот министер за правда на независна Република Македонија и заедно со неговиот син Васил втемелени во основањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Како другари од деца со мојот вујко Јордан Мијалков, низ децениите во минатото беше личност присутна на многу семејни прослави и пријателски собирања.
Тој беше член на две влади. Првата предводена од Никола Кљусев каде беше министер за правда и каде до неговата ненадејна смрт на 19 декември 1991 година беше и мојот покоен вујко Јордан Мијалков како министер за внатрешни работи. Влада која ги постави темелите на независна Македонија и која во едно турбулентно време одигра успешна улога на напуштање на југословенската федерација и создавање на независна македонска држава со успешно организиран референдум за независност и заминување на ЈНА, донесен устав на Република Македонија заедно со првите најзначајни закони и со решени многу предизвици во тоа време. Подоцна беше член и на владата на Љубчо Георгиевски во 1998-1999 година кога беше министер без ресор, година во која јас бев член на истата влада како министер за трговија. Потоа беше и директор на Агенцијата за односи со верските заедници.
Беше присутен и активен на сите позначајни настани, вклучувајќи ги и конгресите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој е и секогаш ќе остане дел од историјата на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ.”
-напиша на фејсбук Никола Груевски.