Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска на своја лична иницијатива имаше повеќе средби со претставници на европските земји и институциите на Европската Унија во обид да “избоксува” почеток на преговорите за Македонија за членство во ЕУ.
Истовремено Николоски ги афирмирал Македонските национални интереси поврзани со Македонскиот идентитет.
“Денеска решив да дојдам во Луксембург каде што се одлучува за тоа дали Македонија ќе почне преговори за членство со Европската унија. Решив да дојдам тука како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и како претседател на Националниот совет за евроинтеграции. За да дадам поддршка на почетокот на преговори на Македонија со Европската унија.
За жал гледаме дека Бугарија повторно реши да блокира, но исто така гледаме дека политиките коишто ги води владата на Заев пред се во делот на справувањето со корупција коешто не се случува, владеењето на правото коешто го нема и економското тонење исто така влијаат врз одлуката за почеток на преговори којашто за жал не се случи.
Јас денес тука имам средби со министри за надворешни работи на земји членки на Европската унија, како и со други официјални лица од Европската унија. Решив самоиницијативно да дојдам за да дадам поддршка, но во исто време да кажам на сите тука дека ние зборуваме македонски јазик, ние сме Македонци, ние сме горди на нашата култура, традиција и историја, и така и ќе остане и тоа го знае цела Европа. Би сакал да видам дека тука е и Владата и власта, но за жал ги нема. Не го видов тука ни премиерот, ни министерот за надворешни работи, ниту вицепремиерот за европски прашања. Можат да речат дека не се поканети и јас не бев поканет, но дојдов. Битката за Македонија се води таму кадешто се носат одлуките. За жал денес власта во Македонија не е присутна во Луксембург да се бори за Македонија, повеќе ги интересираат личните интереси, отколку битката за Македонија,”
-соопшти Николоски од Луксембург при што ја истакна својата лична решеност да помогне на Македонија пред европските лидери кои се одговорни за интегрирањето на Македонија во ЕУ.